Еврокомесарката за проширување Марта Кос на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски во Владата денеска истакна дека Македонија е една од земјите со најдобри постигнувања во делот на реформската агенда со исполнување на 10-те реформски барања, со исклучок на Изборниот законик. Сепак, рече таа, усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за почнување преговори и ја охрабри Владата да го започне процесот.

Охрабрени сме и навистина среќни во Брисел што Македонија навистина направи еден ваков скок на првите позиции кога станува збор за реформите во Планот за раст – истакна Кос.

Ова покажува, додаде таа, дека таму каде што има политичка волја Владата може да испорача. За земјата се 750 милиони и Владата, рече еврокомесарката, ќе го добие тоа откако реформите ќе бидат испорачани и тие пари може да се искористат за граѓаните.

Иако во моментов Македонија не може да оди напред во пристапните преговори не значи дека вие или ние не испорачуваме. Вие испорачувате многу во реформската агенда – рече Кос.

Тоа ќе биде начелото што ќе се користи и во новиот Буџет на ЕУ. Ова, нагласи таа, е навистина охрабрувачки момент во односите меѓу Македонија и ЕУ затоа што земјата испорачува, а Унијата го забележува тоа.

Планот за раст е нов начин на кој ЕУ се ангажира со земјите кандидати. Имаме финансиски инструменти. Ова не е некакво милосрдие. Ние можеме да даваме заеми и грантови на Владите на земјите кандидати само ако тие испорачаат. Овој Изборен законик е над 4 милиони. За мене се ова навистина многу пари. Не е тоа само да се штиклираат реформите туку за да се направи нешто добро за земјата – рече еврокомесарката.

Еврокомесарката Кос најави дека претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен наесен ќе ја посети земјава.

По средбата со Мицкоски, Кос ќе разговара и со претседателот на Собранието Африм Гаши, а ќе има средба и со вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали.

Комесарката Кос заедно со Сали и со министерката за образование и наука ќе го посети студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје, реновиран со средства од ЕУ. Таа исто така ќе се сретне со младински организации од земјата за да разговараат за можностите што ги нуди поблиската интеграција со ЕУ на младите луѓе, вклучително и преку програми, како што се „Хоризонт Европа“ и „Еразмус+“. Подоцна во текот на денот, комесарката Кос ќе се сретне со претставници на организациите на граѓанското општество и медиумите за да разговара за спроведувањето на клучните реформи поврзани со ЕУ, особено во областа на владеењето на правото.