Поранешниот француски претседател Жак Ширак, кој помина во Елисејската палата 12 година ќе остане запаметен на просторот на поранешна Југославија и особено во Македонија, како политичар кој ја промени француската политика водена при распаѓањето и војните во поранешна Југославија.
Малкумина се сеќаваат дека Жак Ширак, избран и инагуриран само еден месец претходно како претседател на Француската Република, во мај 1995 година, на првиот европски самит на кој учествуваше како претседател во Кан (26-27 јуни 1995), веднаш застана во одбрана на македонската позиција наспроти таа на Грција, посебно критикувајќи ја политиката на грчкиот премиер Андреас Папандреу.
Шефот на грчката влада, Андреас Папандреу, го напушти Европскиот самит во Кан изнервиран од неговите партнери и по враќањето во Атина, тој главно го нападна Ширак кој го нарече македонскиот претседател, Киро Глигоров, „личен пријател“ .
Жак Ширак, исто така, побара од Грција да го укине економското ембарго против соседната земја и да започне политички дијалог со владата на Скопје за да го деблокира ова досие, кое ја труеше повеќе од четири години европската политика.
По атентатот врз претседателот Глигоров и неговотот лекување во француската воена болница Вал де Грас, како и потпишувањето на времената спогодба со Грција, во јуни 1996 година се реализира можеби и најважната посета на нашата земја од страна на еден француски политичар- таа на Филип Сеген – тогашен претседател на Националното собрание на Франција и градоначалник на збратимениот град со Битола – Епинал.
При посетата на Македонија, Филип Сеген кој во таа прилика го инаугурира францускиот конзулат во Битола, на претседателот Киро Глигоров му донесе и лично писмо од претседателот Жак Ширак во кое беше изразена поддршката на Париз за склучувањето на првиот договор за соработка со Европската заедница, за која посебен удел имаше лично Ширак и Филип Сеген.
Во повеќе прилики и при повеќето билатерални средби францускиот претседател не ја пропушташе можноста да и изрази поддршка на нашата земја.
Франција и претседателот Жак Ширак одиграа значајна улога и при конфликтот од 2001, кога како специјален претставник на Еу беа назначени французите најпрво Франсоа Леотар, а потоа и Алан Лероа.
На заедничката прес – конференција во Елисејската палата на 1-ви март 2003 година со претседателот Борис Трајковски претседателот Жак Ширак во однос на македонското прашање одговори:
-Знаете, јас водев кампања долго време овие проблеми да бидат решени во согласност со легитимните интереси на Македонија. Почнав три недели по мојот избор пред шест години на Европскиот совет во Кан. Оттогаш работите се сменија, не се предомислив и се уште ги поддржувам легитимните барања на Македонија, рече Ширак пред Борис Трајковски
Comments are closed for this post.