На 2 август 1903 година, на големиот верски празник Илинден, со читање на објавите на востаничките штабови и со биењето на црковните камбани, македонскиот народ со големо воодушевување и ентузијазам се кренал на востание за ослободување на Македонија од отоманската власт и создавање на македонска држава, пишува професорот Никола Жежов.
Предводник и организатор на Илинденското востание била Внатрешната Македонска Револуционерна Организација (ВМРО), основана 10 години порано во 1893 година од група на македонски интелектуалци, учители. Востанието било најдобро организирано во Битолскиот револуционерен округ на ВМРО што територијално го опфаќал југозападниот дел од етно-географската карта на Македонија. На Илинден 1903 година околу 20 000 востаници на целата територија на Македонија започнале напади на населени места, помали гратчиња и села. Биле ослободени Крушево, Невеска, Клисура и десетици села во Битолско, Демирхисарско, Охридско, Костурско. Насекаде била воспоставена привремена востаничка власт која јасно ги истакнала стремежите на македонскиот народ: создавање на автономна македонска држава во нејзините етно- географски граници, согласно програмските документи на историската ВМРО. Во Крушево била создадена народна власт со републикански карактер, дотогаш единствена на просторот на Балканот каде доминирале држави со монархистичко уредување. Барем за краток временски период биле остварени идеалите на корифеите на ВМРО: Гоце Делчев, Даме Груев, Ѓорче Петров, Христо Матов, Пере Тошев, Јане Сандански. Напоредно со идеолозите на Организацијата, на теренот, помеѓу народот, војводите Питу Гули, Васил Чакаларов, Ѓорѓи Сугарев, Христо Узунов, Јордан Пиперката, макар и за кратко време ги оствариле илинденските идеали кои претставувале стремеж и копнеж за создавање на слободна Македонија. Идеологијата на Илинден веќе имала цврста основа и корен во Македонија. Илинденското востание било автохтоно, внатрешно македонско востание, организирано од историската ВМРО, без никаква помош од надвор, не само војничка и финансиска, туку и без морална поткрепа на било која држава во Европа и светот. Во срцето на Балканот, македонскиот народ и другите слободољубиви националности во Македонија, гордо ја издигнале паролата „Слобода или смрт“, а македонското, победничко „Ура“ станало синоним за македонската борба за слобода и државност. Европските и светски весници ги полнеле страниците со епските битки на македонските востаници со турската војска и башибозук, а еден дел од странските новинари ги пренесувале барањата на водачите на востанието: создавање на држава со името Македонија. Во една таква меѓународна состојба која промовирала „статус кво“ на Балканот, Илинденското востание доживеало крвав и трагичен крај. Востанието било задушено, но илинденските идеали останале да тлеат, да живеат кај македонскиот народ и да чекаат некои подобри времиња. Знамињата на Илинден биле привремено свиткани, но не и заборавени. Првата генерација на македонски Илинденци ја поставила основата за идната македонска борба за слобода и за создавање на независна Македонија.
Илинденскиот факел повторно пламнал точно по 41 година од првиот Илинден, на 2 август 1944 година во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Вториот Илинден го оживеала новата македонска генерација на борци која политички била предводена од Комунистичката партија на Македонија (КПМ) поддржана од македонскиот народ и другите националности во Македонија, а идеолошки и политички потпомогната и од другите антифашистички и патриотски сили во Македонија. Илинденските знамиња на комитските чети биле преземени од партизанските одреди, комитите и војводите биле заменети од партизаните, а паролата „Слобода или смрт“ била дополнета со новиот лозунг „Смрт на фашизмот, слобода на народот“. АСНОМ-ците станале нови Илинденци, а Македонија на Вториот Илинден се конституирала како рамноправна федеративна држава во рамките на новата југословенска федерација. Гоце, Даме, Јане, Ѓорче, Пере биле заменети од Ченто, Полежиноски, Пирузе, Брашнаров, Шатев. Иако само на еден дел од етно- географската територија на Македонија, таква каква што ја познавале и се бореле генерации македонски револуционери, Македонија ја добила својата државност. АСНОМ-ците, свесни за големината на илинденските идеали, основите на повоената македонска држава ги поставиле врз илинденската идеологија, врз начелата на Гоцевата генерација и историското ВМРО. Двете македонски генерации на револуционери и борци ги споил токму Илинден, а континуитетот на македонската борба бил крунисан со создавањето на АСНОМ-ска Македонија. И не случајно, една од клучните одлуки на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година била Илинден да биде прогласен за државен и национален празник на Македонија.Двата македонски Илиндена покажале на дело дека сите идеолошки разлики можат да се надминат кога е во прашање најсветиот идеал за Македонците, а тоа е Македонија.
Македонија, денес- 120 години по Илинденското востание и 79 години по Првото заседание на АСНОМ! Навидум, едно нормално секојдневие зад кое се крие една рамнодушност, летаргија, сивило, разочараност од сите настани кои во последните неколку години и се случија на Македонија. Нема радост, нема празнично расположение, иако пред нас е најголемиот македонски празник Илинден. Македонија денеска се наоѓа на еден тежок крстопат, а нејзината судбина зависи од тоа по кој пат ќе тргнеме: по патот кој ни е посипан со дарови од Данајците и ветувања од лажните фарисеи што ни нудат маглива и нејасна иднина или по патот кој со децении го одевме- патот на Илинденците, идеологијата на Гоце и Ченто, идеологијата на комитите, војводите и партизаните што ни извојуваа независна држава Македонија! Да, навистина тешки времиња! Но, историјата десетици пати покажала дека во најтешките времиња се раѓа нова енергија, нови генерации на борци, нови водачи!!! Иднината на Македонија е не само во нашите раце, на генерациите што го живееме ова историско време, туку и во рацете на тие што допрва доаѓаат. Илинден беше светлината што ни го покажуваше правецот во кој што треба да одиме како нација и како држава. Илинденските идеали беа водилката на разните македонски генерации низ тешките историски премрежија и Голготи што ги преживеа Македонија. Што ќе се случува понатаму со Македонија?…....
Додека го пишувам текстот, надвор зазорува. Во далечината се слуша биењето на камбаните! Доаѓа нов Илинден!
Честит празник!
Вечна паметна паднатите борци за слободата на Македонија!
Нека ни е вековита Македонија!
Comments are closed for this post.