Многу скоро граѓаните ќе решат за патот на нивната иднина и нивните идни односи со Европската унија. Има многу емоции во оваа одлука и разбираме дека одлуката не е лесна, но убедени сме дека граѓаните ќе одлучат правилно и ќе ја почитуваме таа одлука, изјави евроамбасадорот Самуел Жбогар на 15-титот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет на ЕУ и Република Македонија.
Тој посочи дека добрососедските односи се еден од принципите на ЕУ и затоа, како што наведе Жбогар, ги поздравуваме договорите кои што ги потпишавте со Бугарија и со Грција.
– Поради тие договори и вашата посветеност на реформите сега има опиплив напредок на европскиот пат и тоа му овозможи на Советот да отвори пат за пристапни преговори во јуни 2019 година, потенцираше амбасадорот на ЕУ во Македонија.
Тој изјави оти Унијата е голем поддржувач на реформските заложби на Владата особено во областа на владеењето на правото, посочувајќи дека ќе продолжат да потсетуваат на потребата за реформи и дека ќе укажат помош во однос на спроведувањето на некои клучни реформи во земјата.
– Преку програмата „Ерзмус плус“ поддржавме над 5.000 млади луѓе да учат и работат низ цела Европа. Со проектите за подобрување на инфраструктурата граѓаните и деловните субјекти можат да патуваат полесно во други земји и други градови. Работиме на подобрување на животната средина преку прочистителни станици и управување со депонии. Директно поддржуваме земјоделци да го консолидираат земјиштето, да купуваат опрема и осбено поддржуваме млади земјоделци и жени земјоделци, даваме грантови за зајакнување на конкуренцијата на младите бизниси и бизнисите општо земено, помагаме да се промовира вашето културно наследство и да се подобри туризмот, објасни Жбогар.
Comments are closed for this post.