Штипскиот затвор е прва казнено-поправна установа во земјава што отвора катче за децата на осудените лица. Оваа одлука е во согласност со препораките на Советот на Европа донесени годинава, секоја казнена институција во државата треба да има ваква просторија, каде би престојувале децата при посета на своите родители.
На овој начин, барем во мала мера, ќе ја надополниме празнината во животот на дечињата, која настанува како резултат на отсуството на еден од родителите. Ресоцијализацијата е најважан процес при издржување на затворската казна, кој ќе овозможи осудениците по излегување од инстиуцијата да се инкорпорираат во општественото живеење. Тоа би било невозможно доколку не се обезбеди емоционално, психолошко и социјално закрепнување на осуденото лице – вели Мики Тодоров, директор на Затвор-Штип.
Во земјава има од 3.500 до 4.000 деца чии родители се осудени лица, а на ниво на Европа има 2. 1 милион такви деца.
Мавриди Капричаров, раководител на Секторот за ресоцијализација во штипскиот затвор, забележува дека иако казната е насочена кон родителот, децата стануваат колатерална штета.
Не е мал бројот на случаи, кога тие исти деца во раната возраст, кога посетуваат казнено поправна установа, односно кога одат во посета на своите родители, самото присуство во затворот го доживуваат трауматично, анксиозно, полно со страв и стрес – вели Капричаров.
Вакви детски катчиња ќе се отворат и во останатите казнено поправни институции во земјава, најавува Директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ.
Да покажеме дека како Управа и управите на затворите се стремиме кон европската заедница и затоа правиме максимални напори, притоа водиме сметка за функционално трошење на буџетот кој што е ист како и претходните години – вели Стојановиќ.
Како што пренесува МИА, Стојановиќ додава дека во изминатите 13 месеци во затворите во земјава се вложени 3.5 милиони евра, кои се добиени како грантови од ЕУ или од други донатори. Смета дека се подобруваат условите во затворите, а најави дека во Затворот во Идризово ќе се гради и комплетна судница. Ќе се реконструира и битолскиот Затвор, каде што притоворското одделение е затворено, бидејќи не ги задоволува стандардите
Comments are closed for this post.