Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека продолжуваат преговорите со опозицијата за законот за јавното обвинителство со кој треба да се реши идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, но оти „бомбите” не се една од темите бидејќи тоа прашање е решено со основниот закон за СЈО.
Преговорите течат. На последната средба која ја одржавме заедно договорено е да продолжат разговорите за да се најдат сите правни аспекти на одредени дискутабилни прашања кои постијат меѓу двете страни. Убедени сме дека можно е да се изнајде решение ако, пред се, се мисли на државата, на создадениот систем на СЈО со својот капацитет кој што е обврска и државна и граѓанска да продолжи, секако и од аспект на тоа колку е важен законот за обвинителство заради правосудните реформи, но и за евроинтеграциијата на државата, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по оддавањето признание на олимпијците од Спортската параолимпијада во Владата.
Во однос на користењето на „бомбите” како докази, премиерот рече дека тие како докази се предвидени во самото законско решение.
Бомбите како докази апсолутно во самото законско решение се предвидени. Тие не беа цел на преговори помеѓу ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или другите претставници на парламентарните партии или пратенички групи, од проста причина што и основниот закон за СЈО, членот 22 вели дека поднесувањето на обвиненија е 18 месеци од преземањето на материјалите и предметите и сите бомби и во предметите кои што се поднесени може да се индиции, оти само по себе како докази не може да опстојат, мора да бидат поткрепени со материјални докази. Она што е најважно е дека предметите за кои се воделе истражни и преистражни постапки се живи, поднесени се обвиненија и тие ќе бидат распределени за да можат обвинители и судии да утврдат за што постојат докази за да можат да бидат процесуирани како и секој предмет, рече Заев.
Comments are closed for this post.