Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, денеска, заедно со млади,  членови на неколку спортски клубови, здруженија и ученици од повеќе училишта, со учество во повеќе спортски и рекреативни игри во Градскиот парк во Струмица го одбележаа 6-ти април, денот кој Обединетите нации го прогласија за Меѓународен ден на спортот за развој и мир.

„Досега имаме обезбедено шест милиони евра преку ваучерскиот систем за помош на спортот, но преговарам со министерот за финансии Драган Тевдовски за да може да зголемиме на 10 милиони евра. Доколку перформансите на Буџетот се зголемуваат сакаме да ја зголемиме таа бројка на десет милиони евра“, рече премиерот Заев.

Премиерот додаде дека досега се користеле 2, 3 и лани 5 милиони евра за спортот и сигурно е дека сумата ќе се зголеми.

Втор убав момент е што рамноправно насекаде ќе се распределуваат овие средства. Обично тие пари досега стигнувале до големите клубови, најпознатите од било кој спорт, сега рамноправно по категориите на спортовите и по категории на лигашкото натпреварување, дали се во прва, втора, трета или општинска лига, на тој начин ќе бидат распределени и самите средства. Значи, за сите млади луѓе кои имаат намера да станат професионални спортисти ќе има дополнителни средства, наведе Заев.

Според него, спортот и физичкото образование се од исклучителна важност за секое општество и затоа се промовираат и поддржуваат политики со кои ќе се зголеми бројот на граѓани од сите возрасти, социјални групи и средини кои секојдневно ќе го применуваат спортот и спортско-рекреативните активности.

Наша цел е да го зголемиме процентот на граѓани кои спортуваат од сегашните два процента од населението на 20 проценти, кои ќе бидат опфатени во „спортот за сите”. Наша намера е преку моделот на училишен спорт да го зголемиме бројот на ученици кои спортуваат од сегашните пет илјади на 50 илјади во основното и средното образование, истакна премиерот Заев.

На новинарско прашање колку тој спортува и рекреира одговори дека има многу малку време, но и покрај тоа го користи. Рече дека в недела вози мотор, а во Скопје секој четврток играл фудбал со министрите, но премиерот не бил редовен. Се надева дека во иднина ќе имал повеќе време за спортување за да биде подобро подготвен за секојдневните активности.

На настанот присуствувааа министерката за труд и социјална политика. Мила Царовска, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски и членови на Советот на општина Струмица.

Според министерката Царовска, важно е кога се зборува за инклузивно општество да се зборува дека таа инклузија на лицата со попреченост треба да се случи на сите нивоа од секојдневното живеење.

Спортот е еден дел од нашето живеење и токму затоа овој ден е многу важно што го поздравуваме со директно вклучување во сите екипи кои денес се претставија има и лица со попреченост, рече министерката Царовска.

Градоначалникот Коста Јаневски истакна дека Струмица има долга спортска традиција и многу спортски ѕвезди излегле оттука и затоа општината секогаш има голема почит кон спортот и го негува, а тоа се докажува со континуирана поддршка на сите клубови.

На одбележувањето на Меѓународниот ден на спортот за развој и мир во Струмица учествуваа неколку стотина деца и спортисти од различни спортски гранки и клубови.