На митингот во Куманово лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, ги повика кумановци да гласаат за кандидатот Стево Пендаровски. Нагласувајќи го мултиетничкиот карактер, Заев рече дека токму слоганот, Заедно напред ја отсликува реалноста во државата но и иднината, додавајќи дека Пендаровски ќе биде претседател на граѓаните од различните етнички заедници, од држава која ќе биде дел од развиениот свет кон кој се стреми.
„Знае Куманово, знаеме сите да се оди напред е одговорност, бара акција, одлучност. Куманово тоа го демонстрира од самостојноста на оваа земја, ајде и овој пат сплотено, единствено, заедничко Куманово да ја демонстрира својата љубов кон татковината“, рече Заев.
Тој се обрати до младите за кои рече дека се носители на позитивните промени во државата, додавајќи дека гласот за Пендаровски е можност да одлучат за својата иднина, за европско образование, европски плати, животен стандард.
„Република Северна Македонија заслужува претседател и конечно после години да добиеме претседател на државата каков што заслужуваме, кој што ќе не сплоти, а го немавме. Да избереме татко на нацијата, врховен командант на ооружените сили“, рече Заев.
Осврнувајќи се на опциите кои се нудат на овие избори, истакна дека оваа опција ја турка земјата кон развиениот свет, кон ЕУ и НАТО, кон економски развој, а другиот додаде ја враќа државата назад во заложништво, неизвесност, калкулантство. Другите не се опција, рече Заев, тоа се нови кочници, тоа не е опција за иднината на земјата. За кандидатот за претседател Силјановска, Заев истакна дека таа е против договорот од Преспа, против Законот за јазици, со што рече повторно се прават поделби во државата, а тоа, според лидерот на СДСМ, не смее да се дозволи.
„Во кумановски мезалк, има разни намирници кои се надополнуваат, таква е и нашата земја обединета во различности, со убави културолошки посебности, но сите се надополнуваме, тоа е нашето богаство“, рече Заев.
Осврнувајќи се на првите луѓе на опозицијата, истакна дека самите се кажуваат како тврдокорни вмровци, а доаѓаат од различни партии. Тој додаде дека во Куманово има различни пријатели од различни етнички заедници, но дека сите се разбрале дека им треба заеднички кандидат.
Ги повика кумановци да гласаат за заедничкиот кандидат и дека таа опција е возможна ако се постигне цензусот и на 21 април и на 5 мај, бидејќи на тој начин, нагласи, ќе се обезбеди иднината на земјата, економски стабилна држава, во која ќе останат младите, додавајќи дека никој друг од противкандидатите не нуди алтернатива. Тој нагласи дека ова е важна одлука и додаде дека претседателот подеднакво ќе им служи на сите граѓани, а зад Пендаровски стојат различни партии и етнички заедници.
Comments are closed for this post.