Замислете, премиерот и лидер на отворено пробугарското крило на некогаш државотворниот СДСМ, Зоран Заев, сака да биде како Маршалот и доживотен претседател на некогашната заедничка СФР Југославија!
Напишал писмо до своите „другари и другарки, храбри социјалдемократи, и поддржувачи на демократијата и прогресот“. Исто како што Тито во името на некогашниот СКЈ го напишал своето познато писмо од 1972 година, што значело плетење „свилен гајтан“ и пресметка со т.н. „националисти“, или подобро речено либерали од сите југословенски републики и покраини, што значи и со македонските, анализира „Пресинг ТВ“.
Бидејќи, очигледно, не знае многу работи, да не кажаме ништо, еве да го запознаеме со прочуеното „Писмо на другарот Тито“. Тоа се појавило на 18 септември 1972 година и било „испратено“ до партиското членство, но и до сите работни луѓе и граѓани на Југославија, и наводно имало за цел да се „воведе ред во земјата“, а всушност претставувало основа за политичка пресметка со тогашните републички и покраински раководства и враќање на старите ортодоксни комунистички кадри.
Во него демагошки се агитирало за намалување на социјалните разлики и добило статус на партиско „Свето писмо“. Негова основна порака била дека „раководните должности во стопанството, образованието, средствата за јавно информирање, јавната управа, судството, обвинителството, во органите на контрола и безбедност“ ќе можат да ги извршуваат само проверени кадри на СКЈ, а одлуките за нивниот избор ќе носат водечките органи и организации на Сојузот на комунисти.
Има една верзија дека Тито уште на почетокот на септември му предложил на Стане Доланц, тој и Претседателството на СКЈ да им се обратат на членовите на партијата со посебно писмо. Но, во брзањето што побргу да го достават до партиските организации и до медиумите, заборавиле документот прво официјално да биде усвоен, па прво го објавиле, па дури потоа, со задоцнување од 40-тина дена, на 30 октомври, било усвоено од Претседателството. Меѓутоа, тоа не било пречка, уште десетина дена пред усвојувањето, Тито триумфално да изјави дека „писмото веќе наишло на голем одѕив не само кај членовите на СК, туку и кај работничката класа, работните луѓе и кај нашите народи“.
Случајно или не, речиси истовремено тогашната државна агенција Танјуг објавила текст во кој, меѓу другото, се наведува дека во периодот од 1963 до 1970 година куповната моќ на југословенскиот динар се намалила за два ипол пати, дека од 1968 до 1971 година членството СК на Хрватска било намалено за 20.500 луѓе, натаму дека 4/5 од југословените во текот на годината не прочитале ниту една книга…
Странските дописници од Југославија за сето ова известуваат дека „Југославија се враќа на ортодоксниот комунизам и го губи својот пат“, дека „наместо држава и самоуправување, вистински федерализам и релативно либерална атмосфера, ненадејно се појавува диктатура, која покажува заби“. Истовремено ќе бидат забранети и неколку странски весници, кои тогаш биле присутни на југословенскиот пазар.
Треба да се напомене дека во подготовката на писмото учествувал и Киро Глигоров, тогаш како член на Извршното биро на Претседателството на СКЈ.
Народот како народ, пак, жив ѓавол, веднаш одговорил со досетка или виц дека „писмо пишува само оној, кој не е со своите“!
А, на сето ова му претходела седница на Извршниот комитет на ЦК СКЈ, одржана на Бриони од 16 до 18 март 1970 година. На неа Тито остро ќе се осврне на „спорните прашања на односите меѓу федерацијата и републиките“ и на пројавената тенденција на дезинтеграција на СКЈ. Во своето излагање тој ќе нагласи пројавената тенденција на републиките да станат „самостојни држави…тие сакаат политички да се отцепат од Федерацијата. Името Југославија повеќе им служи како парола, која постепено темнее“ (Проф.д-р Тодор Чепреганов, реферат „Сепаратизмот и антипартизмот на Петар Пирузе-Мајски“ на симпозиумот за херојот од Дебрца и Малесија, јуни 1993 година).
Една ипол година подоцна, на 27 декември 1971 година, откако во меѓувреме ќе се одржи уште еден состанок на југословенските комунисти, на состанокот на раководството на СР Македонија почнала расправа „за идејно-политичката активност на македонските комунисти во спроведувањето на заклучоците од Караѓорѓево“. Лазар Колишевски во своето излагање истакнал дека „во последно време не ретко се зборува за појавите на македонскиот национализам и сепаратизам.
Македонскиот сепаратизам не само што е длабоко антимакедонски, туку секогаш е и антијугословенски. На антијугословенска основа тој се појави непосредно по објавувањето на одлуките на Второто заседание на АВНОЈ во декември 1943 година. Тогаш се појавуваше барање македонското прашање да не се третира во рамките на Југославија, туку во некои пошироки рамки на една балканска или друга федерација“.
Како и да е, по „писмото на Тито“, во републиките и покраините паѓаат раководните структрури, кои веќе биле високообразовани и политички релативно добро либерално потковани. Во Македонија од политичката сцена ќе бидат отстранети Крсте Црвенковски, алијас „Врховни“, Славко Милосавлевски, Димитар Димитров, Љупчо Арнаудовски…А, на голема врата ќе се врати Лазар Колишевски. Киро Глигоров, пак, ќе биде поставен за претседател на тогашното Сојузно собрание.
Еве, по 50 години, Македонија се соочува со ново писмо насловено како ОБЕДИНУВАЊЕ и со потпис на Зоран Заев.
Покрај многуте небулози во него, насловот самиот по себе говори дека до сега Заев или „оној, кој не е со своите“, работел на РАЗЕДИНУВАЊЕ! Што ќе рече дека храбрите социјалдемократи и поддржувачите на демократијата и прогресот биле разединети. Ама муртинскиот итроман не кажува дали таа разединетост е резултат на различната идеолошка и партиска припадност или на незадоволството од неговото раководење со партијата и државата, па сега се јавува во улога на некаков месија, кој треба да обединува! А, зошто до сега тоа не го правел?!
Каква констатација за во Гинис-„Народот не е за ВМРО-ДПМНЕ“! Заев очигледно изгубил секаков допир со реалноста, па од таа досегашна работа на разединување заборавил дека Македонија одамна не е еднопартиска, туку плурална и каква-таква демократска држава во која мнозинството граѓани на легитимни избори кажува за кого е. Неговите „свиткана кичма“ за надвор и „ќе јадеме живи луѓе“ за дома на локалните избори си го направија своето.
Но, тоа што е можеби најстрашно, е упорното етикетирање на неистомислениците со „зло“. Оттука и стравувањето дека повикот на Заев за „борба“, всушност, значи повик за конечна пресметка со нив, исто како што направиле Тито во Југославија, а Колишевски во Македонија на почетокот на 70-тите години на минатиот век. Веројатно не му оди паметот до таму!?
Comments are closed for this post.