Премиерот Зоран Заев денеска на маргините на Виенскиот економски форум се сретна со еврокомесарот за поширување и добрососедска политика Јоханес Хан.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Заев го информираше еврокомесарот Хан за последните политички случувања во земјата, односно за успешно спроведените претседателски избори, кои се уште еден доказ дека земјата е стабилна и сигурна и оти со право заслужува да добие датум за преговори со ЕУ ова лето.

Премиерот Заев, како што се наведува, истакна дека нема друга алтернатива за Република Северна Македонија, освен полноправно членство во ЕУ и во НАТО.

– Отпочнувањето на преговорите за влез во ЕУ е единствената гаранција дека земајата и натаму ќе биде стабилна, дека ќе води инклузивна политика и дека ќе продолжат реформските процеси во Северна Македонија, нагласил Заев на состанокот со Хан.

Еврокомесарот Хан, пак, средбата со премиерот Заев ја искористи уште еднаш да ја потврди неговата и поддршката на Европската Комисија за Република Северна Македонија на патот кој веќе го оди со големи чекори, патот кон НАТО и ЕУ.