Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, по завршување на Виенскиот економски форум денеска оствари серија средби со претставници на неколку реномирани компании од Република Австрија, коишто имаат свои претставништва во Северна Македонија, како што се ЕВН и А1 Телеком Груп.

На средбите, како што информираат од владината прес-служба, биле посочени досегашните придобивки од соработката, како и идните планови и можности за продлабочување на воспоставениот партнерски однос помеѓу Северна Македонија и компаниите со австриски капитал, коишто работат во земјата.

Заев, по средбите, во изјава за медиумите, рече дека ова е одлична можност по заокружување на важни политички процеси, вклучително и претседателските избори да ги продолжиме економските тенденции и трендови во државата.

– Сите зборат за Северна Македонија како позитивен пример, единствена земја во Западен Балкан, кадешто е мирно, нема протести, се движат работите, успешно завршивме избори за да можеме да посветиме на економските вредности коишто за компаниите значат профит, за нас значат Бруто домашен производ, нови работни места, можно растење на нашиот извоз итн, итн, изјави Заев.

Тој оствари и билатерална средба со еврокомесарот Јоханес Хан. На средбата, како што каќа Заев се разговаравло за очекувањата ова лето, јуни – јули, за конечната одлука на Европската Унија којашто треба да значи конечно одлука за добивање на датум за преговорите.

– Тој е оптимист, јас сум оптимист. Секако, знаеме дека треба да завршат парламентарните избори за Европскиот парламент, за да може уште појасно да ги знаеме ставовите на Франција и на Холандија. Канцеларката Меркел е позитивна. Веруваме дека ќе се придвижат процесите онака како што ние очекуваме заради тоа што навистина заслужуваме. Направивме премногу, сите го потврдуваат тоа и конечно заслужуваме позитивен фидбек од Европската Комисија и од Европската Унија преку земјите членки за добивањето на датумот за преговори, нагласи Заев.