Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, во своето обраќање пред граѓаните на Велес истакна дека после 10 години земјата ќе има претседател кој му треба него, но и треба на државата, на Владата, на парламентот и на народот.
Заев потсети дека во изминатите 22 месеци на власт, Владата решила многу крупни и суштествени прашања за државата, но за жал, нагласи тој, досегашниот и се уште актуелен претседател не смогнал храброст да направи чекор и да ја води државата напред.
„Секој на свој начин одлучува како ќе работи и ќе помогне на својата земја. Ние сме сите денеска овде за да бидеме од помош на нашата земја, да трасираме уште подобри патишта и да се движиме со уште поголемо темпо. Се решија големите проблеми и затоа имаме странски инвестиции од 624 милиони евра во 2018 година што е нов рекорд на државата од 1991 година до денеска. Во најдобрата година 2011-та биле 340 милиони евра, што е скоро двојно повеќе“, потенцира Заев.
Тој на велешани им порача дека донеле крупни одлуки, бидејќи, како што рече, со скарани соседи државата не може да оди напред. Посочи дека досега никој не смогнал сили да го реши проблемот со Грција и истакна дека дел од нив по цена и на сопствениот живот храбро чекореле по улиците и успеале зашто донеле храбри одлуки, бидејќи се бореле за нашата држава и нашиот народ.
Преку Договорот од Преспа, како што рече, добиле фер и праведно решение што не било лесно ни за Грција ни за нас.
„Тоа само покажува дека договорот е правичен. Секогаш нашите татковци и дедовци се бореле да имаме наша земја, грутка парче наша македонска земја што нема да биде оспорена од никој, во која ќе живеат сите граѓани од мултиетничка Македонија, но да биде признаен и македонскиот јазик што го зборуваат мнозинството граѓани кои се Македонци. Тоа беше борбата на нашите татковци и дедовци и прадедовци и на Крушевската Република, на НОВ и на сите наши борби што сме ги имале во минатото. Денеска имаме земја признаена од целиот свет и никој повеќе не ја оспорува, признаен македонски јазик, признаен македонски идентитет. Кога ќе отворите гугл на страната на Обединетите нации таму веќе е запишана нашата лична карта и стои чисто Македонци и македонски јазик и ниту има ѕвезда, ниту има фуснота, ниту друго и при тоа изградивме насекаде пријатели околу нас“, рече Заев.
Comments are closed for this post.