Претседателот на Владата, Зоран Заев, при посетата на Загреб во рамки на Самитот на земјите од Централноевропската иницијатива (ЦЕИ) не остварил средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан. Унгарскиот премиер, како што кажа Заев во ијава за медиуми, вчера присуствувал на вечерата што ја организираше хрватскиот премиер Пленковиќ со присутните шефови на делегациите на Самитот, но денеска не останал на Самитот.

Во следна прилика ќе го искажеме очекувањето за одговор на барањето екстрадиција за Никола Груевски, бидејќи тој според меѓународните конвенции и законите мора да ја отслужи својата казна во Република Македонија – рече премиерот Заев.

Премиерот Заев во изјава за медиумите по Самитот на ЦЕИ: Македонија свети на Балканот и ја има поддршката од европските земји и еврокомесарот Хан за реализација на Договорот од Преспа и евро-атланските интеграции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, по Самитот на шефовите на влади на земјите членки на Централно Европската Иницијатива, даде изјава за медиуми од Македонија и од регионот.

Во изјавата премиерот Заев, го оцени Самитот, како добра можност што ја даваат овој вид состаноци за Македонија да го повтори своето очекување за поддршка од земјите пријатели, за членство на нашата држава во НАТО и почеток на преговорите со ЕУ.

Ја побаравме поддршката од земјите членки за процесите во ЕУ и во НАТО. Македонија се истакнува во позитивно светло во градењето пријателство, добрососедските односи, реформите и очекувањата се дека преку Македонија ќе продолжи проширувањето – рече премиерот Заев.

На прашањето дали има некаква порака од Хан, Заев рече дека еврокомесарот е задоволен од Македонија и од постапките во парламентот и внатрешниот дијалог на власта со опозицијата. Еврокомесарот Хан, како што рече премиерот Заев, споделил очекување дека ова ќе го овозможи потребното  двотретинско мнозинство во Парламентот за уставните амандмани, во согласност со Договорот од Преспа.