На Северна Македонија и е потребен претседател кој со високо чувство на одговорност, динамично и посветено ќе нуди решенија и ќе се приклучи во поддршката на нашата брза трака која земјата ја носи напред кон сигурна иднина во НАТО и ЕУ, претседател кој е противник на поделбите и изолациите и кој ја промовира Северна Македонија како глобална и праведна земја, ќе биде конструктивен и принципиелен партнер во започнатите реформски, интеграциски и економски процеси, рече премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев во обраќањето на 23-от Конгрес на партијата.
Посочи дека Стево Пендаровски е тој претседател, личност со интегритет и со сериозно и темелно професионално и политичко искуство. Бројот на годините поминати во политиката и во академијата, неговиот неспорен морален профил и неговата јасна визија за иднината на нашата земја, нагласи, ветуваат дека имаме кандидат најдостоен да застане на чело на државата и да биде врховен командант на нашата Армија.
– Стево е потврда на концептот едно општество за сите во напредна евроатлантска Република Северна Македонија. Знам дека како претседател на сите граѓани на нашата земја својата сила ќе ја влече и од сите наши граѓани, а не само од оние кои ќе го дадат својот глас за неговата победа. Победата на Стево Пендаровски на претстојните избори ќе биде уште една победа на нашиот заеднички пат. Бидете уверени дека заеднички сите ние, граѓаните на нашата земја заедно со Стево Пендаровски како наш претседател ќе ги оствариме сите наши заеднички цели. Остануваме заедно на определбата да ја отфрламе политиката на песимизам која тврди дека ништо не може да се направи. Остануваме на определбата да го отфрламе јазикот на омразата. Остануваме на определбата да градиме инклузивно општество и подобра иднина за сите. Тоа е нашиот политички избор и одговорност. Тоа е избор за победа, победа на претседателски избори кои мора да бидат и ќе бидат целосно демократски успешни и ефикасни, избори на кои граѓаните масовно ќе излезат и ќе изберат заедништво и иднина, рече Заев.
Пендаровски, истакна Заев, заедно со граѓаните е подготвен да преземе одговорност за новите предизвици кои се пред нас, да се приклучи кон лидерството кое нашата земја ја води напред кон западниот свет.
– Да ја направиме нашата земја европска држава,општество како достоен дом за сите нејзини граѓани. Додека ја делиме таа надеж, тој стремеж јас чекорам по тој пат. Ќе не води претседателот. Ајде сите заедно да продолжиме да чекориме по европскиот пат. Одиме во нова победа, одиме во победа за граѓаните за сите граѓани. Одиме во нова победа за Република Северна Македонија и нејзиниот претседател Стево Пендаровски. Се обединивме околу идејата за заеднички кандидат за поддршка од огромното мнозинство од граѓани. Првпат имаме историски политички пресврт во нашата земја, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и сите други застануваме заедно, за да и обезбедиме на нашата земја претседател за сите наши граѓани, рече Заев.
Обраќајќи се на присутните посочи дека настани и историски одредници што го носат потписот на Социјалдемократскиот сојуз се оние кога во 1991 година заедно со граѓаните учествувале во процесот на прогласување на независноста на државата, во 2001 кога презеле одговорност да го запрат меѓуетничкиот конфлик и со дијалог и со Охридскиот рамковен договор да почнат да ја градат новата вредност на нашата општествена заедница концептот „Едно општество за сите”, во 2005 кога им дале силен имплус на европските вредности и нашите аспирации за членство во ЕУ и ни беше доделен кандидатскиот статус…
– Така беше и во 2015 година кога со „Вистината за Македонија” со граѓаните на Македонија во кампот на слободата со шарената револуција тргнавме низ улиците на нашите градови, кога трпеливо и мудро низ политичките процеси верувајќи во слобода, вистина, правда, еднаквост, напредок и кога социјалдемократските вредности ги здруживме со цивилизациските вредности за да си ја ослободиме заробената ни држава. Така беше и во 2017 и 2018 година кога на 27 април се спротивставивме на насилството и кога новата владина коалиција донесе одлука да постигне Договор за пријателство со Бугарија и ќе го реши тридеценискиот спор со Грција, рече Заев на Конгресот.
– Нашата земја е пријател со сите свои соседи, целиот свет сите земји и меѓународни организации зборуваат во суперлативи за Република Северна Македонија. Во нашиот Парламент ги развивме сите дилеми и потврдивме дека заедно ја движиме нашата земја во иднината што сите ја посакуваме, признаена и ценета држава, земја членка на европското семејство и членка на НАТО. Не прифатија како Македонци со свој идентитет и своја гордост, како земја во чиј идентитет се вградени идентитетите на сите нејзини граѓани Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите други кои живеат во нашата заедничка земја. Заедно со нашите пријатели прво Република Бугарија, а потоа Република Грција ги отфрливме изолацијата и недоразбирањата, истакна Заев.
– Шансата што ја создадовме сега е во нашите раце. Наша должност е да го искористиме овој полет за да го обезбедиме до крај она за што се боревме, подобар жвиот за сите граѓани на Северна Макеоднија, подобри можнсти за нашите деца и земја со фер општество, поголем просперитет, растечка економија и подобри плати, подобар здравствен и образовен систем, социјална правда и правен систем во кој ќе имаме доверба. Како државотворна и одговорна партија сега време е секој од нас секој наш член и подржувач, сите граѓани да дадеме максимален ангажман за да ги оствариме овие наши заеднички цели.Заедно да ги оствариме придобивките кои треба и мора да ги почуствуваат сите наши граѓани, рече Заев и додаде дека влегуваат во сериозни економски реформски иницијативи кои се на нивната приоритетна агенда за 2019 година.
Нагласи дека многу инвеститори го чекале исходот од преговорите со Грција за да донесат одлука и економските политики веќе даваат историски резултати. Минатата година, потсети, ја завршивме со рекордна вредност на странските инвестиции од 624 милиони евра, што е речиси повеќе од вредноста на инвестициите во 2017 година или за речиси двојно повеќе од инвестициите на нашите преходници во нивната најдобра година во 2011, или повеќе од 2012, 2013 и 2014 година заедно.
Нашата земја граѓаните и политичарите сите заедно мораме да ставиме крај на корупцијата, рече Заев и потенцира дека татковината треба да биде праведна земја со растечка економија, дел од глобалниот западен свет.
Се заблагодарам на сите повеќе од 20 кандидати за претседател на државата што се јавија на конкурсот на партијата.
– Благодарност до Радмила Шекеринска, до Никола Димитров и до Оливер Спасовски, тие се мотори, предната влеча на нашата Влада. Тие се тука заедно со мене и со другите и министри да одработиме заедно за реформите за да ја направиме земјата поубаво место за живеење за сите граѓани, додаде
Comments are closed for this post.