Кога денеска го славиме овој празник треба да прифатиме дека во нашето општество има сѐ уште области во кои преовладуваат конзервативните и премногу застарени принципи за улогата на жената. Тоа го менуваме, и на тоа остануваме посветени се до постигнување на целосната правична родова еднаквост, вели премиерот Зоран Заев во честитката по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.
Кога денеска го славиме овој празник, како што посочува премиерот, треба да прифатиме дека во нашето општество има сѐ уште области во кои преовладуваат конзервативните и премногу застарени принципи за улогата на жената.
Тоа го менуваме, и на тоа остануваме посветени се до постигнување на целосната правична родова еднаквост. Ако не го направиме тоа, особено во сферите на креирање на политиките, на носењето на законите и во сферата на учеството на девојките и жените во системот на институциите, ќе продолжиме да и даваме простор на општествената, родова неправда, која го намалува потенцијалот за прогрес на нашето општество, наведува Заев во честитката.
Премиерот посочува дека денеска е денот кога треба да им дадеме гласност на пораките дека без потполна родова еднаквост нема ни демократија, ниту социјална правда.
И не само денеска, овие прашања ќе бидат решени само ако им дадеме постојана гласност и видливост, секој ден. Мораме да ги охрабриме застапниците на борбата против родовата нерамноправност и сексизмот за да ги запреме сите видови на неправда во општеството, зашто борбата за правата на жените и девојките е борба за праведно општество. Да не запреме додека целосно не ја анулираме разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените и додека не обезбедиме дека девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции. Нема никаква причина да биде поинаку. Кога жените губат – сите губиме, пишува Заев во честитката.
Економското зајакнување, како што посочува тој, е одговорот на многу од прашањата со кои се соочуваат девојките и жените. Економски силните девојки и жени полесно ќе се справуваат со сиромаштијата, со насилството и дискриминацијата. Образованите, еманципираните жени полесно ќе го движат нашето општество напред!
Правото на глас, избор и еднаквост треба секојдневно да се негува и унапредува се додека не стане наше секојдневие. Заедничкото општество е силно колку што е силна жената во него. Честит 8 Март за родово еднакво општество!, наведува Заев во честитката по повод Меѓународниот ден на жената.
Comments are closed for this post.