Историската одлука што на 8 септември 1991 година, граѓаните на тогашна Република Македонија ја донесоа глaсајќи за независност и за суверенитет беше храбро и одлучно соочување со историските околности во тој период и израз на силна верба во перспективата за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава. На патот од независноста до денеска, наша одговорност и света должност беше и да го зачуваме македонскиот идентитет. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме. Засекогаш, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми. Никој повеќе не го оспорува тоа, порача денеска премиерот Зоран Заев во обраќањето на свечената седница по повод 30-годишнината од независноста на земјата.
Референдумот за независност, додаде, недвосмислено ја одреди нашата иднина со 95 процентно “Да“ од излезените граѓани, кои во огромен број од 72 проценти од гласачкото тело, се појавија на гласачките места. Тогаш кога застанаа заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и го сочуваа мирот во земјата и заедно ја прогласија за самостојна својата држава.
-Следеше создавањето на нашата армија, монетарната самостојност и воведувањето државна валута, меѓународното признавање на државата, решавањето на внатрешниот конфликт, реализацијата на стратешките определби за членство во НАТО и ЕУ. Следуваа и соочувањата со политичките кризи кои добија дури и драматични изрази и закани по институционалниот систем и уставното уредување, градењето на демократијата, обновувањето на демократијата и враќањето на слободата, и многу други општествени ангажмани на многу граѓани на Македонија. Сето тоа беа тестови на зрелоста. Дел од нив ги положија генерациите пред нас. Дел од нив ги положивме ние, рече премиерот Заев.
Додаде дека засекогаш ќе се паметат и ќе им се оддава почит на сите државници и членови на владите кои денес не се меѓу нас и кои се вградија во остварувањето на независноста и во градењето на нашата држава според современите демократски вредности.
-Денес, кристално јасно е дека го исполнуваме заветот на нашите предци кои со векови го афирмираа, го бранеа и гинеа за македонскиот идентитет. Заедно со граѓаните го остваривме тој вековен сон со меѓународна верификација. И во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите граѓани Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и на сите други етнички заедници, што покажаа и другарско и братско разбирање и што им даваат силна поддршка на своите сограѓани Македонци. Оваа поддршка, ова разбирање за одбрана и заштита на македонски идентитет е од огромно значење за градењето едно и еднакво, заедничко општество – наше општество, автентично, уникатно, граѓанско, сенародно. Овие мостови кои ги градиме се крвотокот на нашата меѓусебна доверба, истакна премиерот.
Според него, Денот на независноста, 8 Септември, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ги утврдиме нашите стратешки патокази и да трасираме пат за демократски развој, исполнет со меѓусебно разбирање, благосостојба и просперитет. Важни, стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската Унија.
-Денес Република Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено-безбедносен Сојуз – НАТО, и како кандидат за членство и во најсилната економска заедница на светот – Европската Унија. Ја кренавме Република Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности на неколку цврсти столбови. На столбовите за правна држава и владеењето на правото, на столбот за Економски раст, на столбот општество и институции како сервис за граѓаните, на столбот Едно општество за сите. Го зедовме најдоброто наследство од минатото и создаваме држава со сосема извесна европска иднина. Иднина за Македонија со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите на минатото. Тоа е нашиот придонес за генерациите после нас, нагласи во обраќањето Заев.
Во пресудни моменти, вели, кога се решаваа историски прашања, граѓаните на нашата земја и одговорните политички лидери носеа големи одлуки. Направија, вистински, исправни избори.
Во периодот од 77 години од државотворниот АСНОМ и 30 години пат на самостојно, независно учество во животот на заедницата на народите, научивме неколку важни лекции. Една од најважните од овие лекции е лекцијата за чувањето и негувањето на демократија.
-Денес, кога славиме 30 години од нашата самостојна држава, Македонија е длабоко приврзана кон европскиот проект. Имаме живо и динамично општество, во кое треба секој од нас да вложува за негов постојан развој. Граѓаните на нашата земја се активно поврзани со граѓанските вредности. Тие јасно го докажаа тоа. Делбите и кавгите заради тесно партиски или националистички интереси, или заради интереси спротивни на нашите стратешки определби, никому не му донесоа ништо добро, ниту ќе му донесат во иднина. Затоа ние секогаш ќе бидеме во предност пред било кој што би се обидел да го дели народот, да ги закрвува браќата и другарите меѓу себе, да сее омраза и раздор. Затоа што ние сме за сплотеност и унитарност, за просперитет и иднина. Ние градиме општество каде сите се еднакви и исто вредат, рече премиерот Заев.
Првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби вели дека од денешна перспектива се двоуми за тоа дали 30 години претходно, Албанците, граѓаните Албанци со право не учествувале на референдумот којшто тогаш на државата и ја донесе независноста и сувереноста.
-Навистина, Албанците беа и се за независност на Македонија. Но, двоумењето ја создаде можноста за влез во било каков иден сојуз со суверените држави на поранешна Југославија, дејство коешто ние не можевме да го сметаме како опција. Можеби, од денешната комфорност, удобност може да кажеме дека тогашната елита требало директно да учествува во референдумот што придонесе за распад на поранешна Југославија и можеби ова солидарно учество ќе овозможеше меѓусебно разбирање и донесување на еден помодерен и мултиетнички Устав, кој ќе овозможеше рамноправност без мајоризација во одлучувањето, рече Груби.
Ова почетничко двоумење, додаде, со сигурност направија, една цела декада да живееме од воени реалности во една заедничка држава, да живееме едни до други, но не и едни со други, да не веруваме едни во други или да ги плашиме граѓаните за политичките придобивки, злоупотребувајќи ги нивните кошмари во функција на нивните агенди.
Тој додаде дека егзистенцијалните и суштинските предизвици во овие три децении се надминати со храброста на политичките лидери и со непоколебливата волја на граѓаните. Затоа, вели, денес имаме едно меѓусебно и заедничко природно дејствување во функција на зголемување на животниот стандарт, во борбата против корупцијата и организираниот криминал, на неселективната правда, економски развој, на работни места, на квалитетното здравје и образование, претставување на зелената агенда и крајно исполнување на мисијата на нашата генерација членството во ЕУ.
-Ова 30-годишно минато, колку кратко, толку и долго, не научи дека кога заедно ја градиме иднината врз основа на меѓусебното почитување и рамноправност вреднувајќи ги разликите и диверзитетот како можност, а не како пречка, воспоставување на отворен и искрен дијалог, ништо не е невозможно. Заедно сме навистина посилни, порача Груби во обраќањето на свечената седница по повод Денот на независноста.
Comments are closed for this post.