Ние како ДУИ сме коалициски партнер со СДСМ, и ние не сме во заеднички чадор со СДСМ. Имаме наше раководство и лидер на партијата, Али Ахмети. Тој заедно со централното претседателство и генералното претседателство одлучува за сопствениот кадар. Никогаш ДУИ не дозволил некој да се меша во внатрешните работи на ДУИ, но и коректно е дека ние не сме се мешале во другите партии“, изјави министерот за животна средина и потпретседател на ДУИ, Садула Дураку, во телефонски разговор за Тв21.
Изјавата на Дураку е одговор на се погласните шпекулации дека на министерскиот список за „метлата“ на премиерот Зоран Заев се наоѓа и неговото име. Иако, според одредени информации, тој може да биде и ротиран на новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, што треба да профункционира од јули.
Меѓутоа, многу поважна од изјавата на Дураку е неговата порака дека за министерските промени одлучува партискиот лидер Али Ахмети, а не премиерот Заев. Ова само потврдува дека се тече и се може да се менува, само ДУИ и функционирањето на владините коалициски партнери останува исто. Без разлика која е доминантната политичка партија, што го формира Владиниот кабинет.
Премиерот Заев, по претседателските избори, одлучи да се одмори барем четири дена. А, потоа ќе следи и веќе најавената средба со Ахмети, токму околу најавените министерски промени. Но, уште сега е јасно дека премиерот ќе игра онака како што ќе свири Ахмети.
На претседателските избори ДУИ одигра вешто. Успехот на Блерим Река во првиот круг едноставно „се стопи“ во вториот, зашто Ахмети успеа во конечниот скор да ги приграби за свој успех сите албански гласови, што завршија на контото на новиот претседател на државата Стево Пендаровски. Со тоа ДУИ само си ја „покачи цената“, па сега може и да диктира одредени политички услови, а не, пак, министерски промени или, уште помалку, било какви имиња од неговата партија.
Comments are closed for this post.