Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Уставниот суд треба да постапува согласно одлуката на собраниската Законодавно-правна комисија , која заклучи оти не е потребно толкување на членот 11 од Законот за помилување, заради негово непостоење.

– Ова говори дека уште тогаш не постоел членот 11 на кој се повикува тогашниот претседател Иванов за да ја изрече аболицијата. Тоа само уште еднаш потврдува дека самата аболиција не била дадена законски. Секако после тоа не била и законски поништена. Непостоењето на членот 11 и членот 11а од 2009 година е јасен став на нависниот законодавен дом, а тоа е Парламентот, дека право за аболиција и за поништување и носење не постои, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по увидот во градежните работи за изведба на спортската сала при ООУ „Јоаким Крчовски’’ во село Волково.

Ова, рече Заев, е доказ дека сите треба да се бориме против криминалот и корупцијата, секој кој погрешил да одговара, а секој кој е невин да дочека правда.

Собраниската Законодавно-правна комисија на вчерашната седница заклучи дека нема потреба за давање автентично толкување за член што не постои, односно на членот 11 од Законот за помилување донесен во 1993 година.

Претходно утрото, на предлог на судијата Осман Кадриу, Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да го одложи одлучувањето по Нацрт-решението за Законот за дополнување на Законот за помилување, за кој минатата недела поведе постапка, поради тоа што Судот бил известен дека пред Парламентот се води постапка за автентично толкување на овие членови од Законот за помилување.