Нашите војници покажуваат еднаквост во партнерството со нашите сојузници и способност заеднички да го гарантираат регионалниот и меѓународниот мир и стабилност, порачува премиерот Зоран Заев во честитката по повод 18 Август, Денот на Армијата.
-Почитувани припадници на Армијата, почитувани граѓани, Со особена чест и задоволство го честитам денешниот празник, упатувајќи искрена благодарност за вашата континуирана посветеност, професионалност и несебичниот ангажман за заштита на територијалниот интегритет и безбедноста на нашата држава, се вели во честитката од Заев.
На денешен ден, се додава, во 1943 година на Славеј планина е формиран првиот партизански одред баталјонот „Мирче Ацев“, кој подоцна во Народно ослободителната војна (НОВ) прерасна во војска која ја ослободи територијата на нашата држава, пожртвувано оставајќи печат вграден во темелите и независноста на татковината.
-Денеска, 76 години подоцна, нашата Армија на највисоко професионално ниво, заедно со војниците на земјите-членки на НАТО, дејствуваат согласно стандардите на Алијансата, учествуваат во меѓународни мировни мисии и даваат свој придонес во зачувување на глобалниот мир и безбедност. Почитувани граѓани, Пораката за својата подготвеност, за што сме особено горди и благодарни, нашата Армија ја испрати и со учеството во најголемата воена вежба „Одлучен удар“, кога нашите војници со претставници на уште пет земји-членки на НАТО покажаа дека имаат капацитет за изведување комплексни теренски вежби, се посочува во честитката.
Република Северна Македонија, се потенцира, ќе биде идната, 30-та членка на НАТО алијансата, а нашите професионални војници и офицери покажаа дека се партнери со нашите сојузници, со способност заеднички да го гарантираат регионалниот и меѓународниот мир и стабилност.
-Почитувани претставници на Армијата, Благодарам од мое лично име и од име на Владата на Република Северна Македонија, за сите заложби, за сите несебични ангажмани, да помогнете, да осигурате и обезбедите, заедно со сите граѓани, перспективна иднина за сегашните и идните генерации! Нека ни е честит Денот на Армијата на Република Северна Македонија!, се нагласува во честитката од Заев по повод Денот на Армијата.
Comments are closed for this post.