По објавувањето на третото продолжение од аферата „Рекет“ во италијанскиот весник се огласи и премиерот Зоран Заев. Во снимиките се споменува и тој. Боки 13 му кажува на Камчев дека разговарале за него со премиерот и дека ќе се сретнат. Заев пак отфрла соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот “Рекет” .
„Во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат моето име. При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник“, тврди Заев.
Тој тврди дека со Бојан Јовановски единствено разговарал за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз.
„Со Бојан Јовановски единствено имам разговарано за хуманитарни активности на неговиот Меѓународен сојуз, после што ниту јас ниту Владата не сме имале никаква натамошна соработка, ниту формална, ниту неформална. Се имам појавено и на интервјуа во 1тв, како што редовно се појавувам на сите други телевизии и медиуми, во интерес на отвореноста кон јавноста“, пишува Заев на фејсбук.
Заев вели дека сега правдата е на потег.
„Случајот “Рекет” покажува дека она за што се боревме со граѓаните, сите ние заедно, стапува на сцена. Правдата е на потег. Секаде во светот, во било која земја каде власта одлучно и искрено создавала услови да се отвораат истраги против секого каде што имало и најмало сомневање, секаде било тешко и трауматично. Нема да е лесно и кај нас. Ќе биде тешко и ќе има трауми, но само така ќе бидеме држава каде владее правото, само така ќе бидеме држава каква што сите посакуваме“, вели Заев.
Повикува на темелна и независна истрага која ќе ги покаже сите детали.
„Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сѐ да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви“, вели Заев.
Comments are closed for this post.