Премиерот Зоран Заев образложувајќи ги амандманите, кои произлегуваат од Договорот од Преспа, рече дека тие ќе бидат инкорпорирани во Уставот само доколку Грција ги изгласа спогодбата и даде поддршка за Протоколот за пристапување во НАТО.

Доколку Грција не ги иполни своите услови амандманите нема да важат, рече Заев додавајќи дека ова беше побарано од опозицијата и оти денеска повторно споменато од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот повика на инклузивност на процесот и побара пратениците да го поддржат процесот во духот на Договорот од Преспа, следејќи го интересите на граѓаните. Посочи дека оваа и следната година, се клучни за нашите евроинтеграциски процеси и за иднината на државата.

Сосема е природно и нормално во едно демократско Собрание како што е и нашето да се разликуваме во однос на политички програми што ги застапуваме и сакаме да ги спроведеме. Од друга страна, сосема неприродно е да го претвориме нашето Собрание во форум за непријателско ривалство и несогласување за сметка на интересите на граѓаните и за сметка на иднината на државата и нашето општество, рече Заев.

Кажа дека останува на неговите заложби во име на просперитетот на сите граѓани и на земјата, дека политичките решенија треба да дојдат и од власта и од опозицијата и да се носат одлуки со инклузивност.

Нашиот Парламент да се претвори во форум во кој низ отворена конструктивна расправа ќе ги исполни надежите и очекувањата на граѓаните, наместо простор на делби, да се претвори во арена за натпревар на идеи за артикулирање на политичката солидарност за иднината на РМ, за благосостојбата на сите нејзини граѓани. Тоа никако не значи дека треба да се занемари или да се оспори плуралистичката природа на нашето Собрание. Апсолутно не, рече премиерот.

Политичката различност и припадност, треба да бидат забрзувачи, мотор, а не, како што рече „кочница за остварување на нашите заеднички стратешки појдовни основи кои секако сите ги споделуваме“. Во име на заедничките вредности и влезот во ЕУ и во НАТО, што е заеднички став и на власта и на опозицијата, според премиерот Заев, го иницирале процесот за неопходните измени на Уставот со единствена цел Македонија да биде подготвена за нејзината просперитетна европска иднина за која сите ние се боревме и сонувавме 27 години.

Тоа е единствената шанса за нашата држава. Изворот не може да биде пораз, успехот не може да биде поизвесен. Големината на овој историски процес треба да ја понесеме сите, рече претседателот на Владата.

Повтори дека во иницијативата за измени на Уставот на РМ согласно Договорот од Преспа нема ништо спорно, а предложените Нацрт-амандмани се во согласност со меѓународното право и со интересите на РМ и нејзините перспективи во евроатлантските интеграции.

Заев реплицираше на опозициските пратеници кои изнесоа критики и забелешки за процесот, што според нив е неуставен и ќе се менува името на државата. Во однос на референдумот, Заев рече дека тој е успешен, но одлуката не е донесена.

Според него, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ветил дека ќе го помогне овој процес.

Референдумот е успешен одлуката не е донесена. Може ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде утре на власт, што после тоа? Нема друго, туку ќе се донесе истиот договор. Да не ја кочиме Македонија. Мицкоски, вашиот претседател, зборувал насекаде ќе го помогне овој процес, ако не друго затоа што е за интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО. Разбирам дека сме различни, апелирам за конструктивност. Нека се виновни Заев и Димитров кои го потпишаа договорот, но дајте да и овозможиме на државата членство во ЕУ и НАТО, рече Заев.

Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека реферндумот е неуспешен.

Оттаму народните избраници, Собранието, Владата како извршна власт и сите други институции не смеат да ја газат волјата на над 1.200.000 гласачи кои на овој  Договор му ставија точка. Се прекрешија многу закони, се извршија многу притисоци и пак референдумот не беше успешен. Досега не постои меѓународен договор кој се ратификува од една страна, а не се ратификува истовремено од друга страна. Ние ќе преземеме обврски, а каква обврска ќе преземе Грција и која е мерката или алтернативата доколку Грција не го изгласа Договорот во нивниот Парламент. Кои се гаранциите за Република Македонија?, рече пртеникот Никол Мицевски о ВМРО-ПМНЕ. .

Повтори дека стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ била и ќе биде НАТО и ЕУ, но не на ваков начин.

За време на седницата ВМРО-ДПМНЕ му забележаа на спикерот,  Талат Џафери за ословувањето на независната пратеничка група со името на ВМРО-ДПМНЕ.

Пленарната седница може да трае 12 дена, бидејќи за секој амандман е предвидена дебата од три дена. Во оваа втора фаза за усвојување на амандманите е потребен 61 глас. Сепак, очекувањата според, претседателот на Собранието се дека седницата ќе заврши многу побргу.

Со првиот амандман се предвидува во Уставот зборовите „Република Македонија“ да се заменат со зборовите „Република Северна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36, кој има историски апсект и се однесува на “посебните социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија”.

Со вториот се интервенира во Преамбулата на Уставот па зборовите „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите „Прогласот од Првото заседание на АСНОМ” и се додаваОхридскиот рамковен договор.

Третиот амандман наведува дека „Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави”, а четвртиот се однесува на иселениците и во него се предвидува дека “Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината, a оти притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Истовремено со одржувањето на денешната седница, пред Собранието се најавени протести, а околу законодавниот дом е заблежливо зголемено полициско присуство.