На поранешните специјални обвинители Гаврил Бубевски и Фатиме Фетаи им требаа четири години за да дојдат до заклучок дека тројца од обвинетите во предметот „Насилство во Општина Центар“ не се виновни и оти нема докази за вината, што им се ставаше на товар. Вчерашното ослободување на Даниела Рангелова, Милан Андоновски и Борче Богдановски ја исфрли на површина нивната (не)професионалност, а наводното прецизирано обвинение, всушност, фрла сосема нова светлина врз целиот предмет.
Ваквото „задоцнето палење“ на Фетаи и Бубевски доведоа до апсурд. Па така, ако штетата предизвикана со „насилството во Центар“ изнесувала 24.000 денари, доцнењето на обвинителите ќе го чини државниот буџет, според слободна поценка, околу 60.000 евра. Ова во случај ослободените од вина да побараат обесштетување за тоа што биле неправедно обвинети и сето она што го поминале во изминатите четири години.
Прецизираното обвинение на Фетаи и Бубевски, всушност, во целост ги отфрли досегашните обвинувања дека настаните во Општина Центар во 2013 година ги организирала партијата ВМРО-ДПМНЕ преку својата хиерархиска поставеност. Но, сега топката се префрла на ирелевантна блискост со поранешниот премиер и претседател на партијата Никола Груевски. И тоа без докази, аргументи и факти, туку врз вербално изјаснување на обвинителката Фетаи во нејзините завршни зборови дека сите знаеме дека Миле Јанакиески беше десна рака и човек од доверба на Никола Груевски. Ова кога станува збор за второобвинетиот, а за останатите обвинети е важно да се истакне дека ниту еден од нив, практично, не бил член на општинската партиска организација на Центар. Сите од таму се ослободени, а на обвинителната клупа остануваат лица, кои на протестите доаѓале од други делови на Скопје.
Па сега, основано се поставува дилемата, кој наводно партиски ги организирал ако невладината организација „Веритас“ била само маска за одржување на тие „партиски протести“?!
Покрај партиската боја на протестите, сега е доведена во прашање и основната причина за нивното организирање. Во првичното обвинение причината лежеше во, наводно, лукративните причини на „организаторите на протестите“, што би се оствариле со менување на ДУП-от за „Мал ринг“, а не во уривањето на црквата „Св.Константин и Елена“ во центарот на Скопје. И во овој контекст, како доказ требаше да послужи аудио-снимката од телефонски разговор меѓу екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и бизнисменот Орце Камчев. Но, интересите на Камчев воопшто не влегуваат во „Мал ринг“, туку во сосема друг дел од централното градско подрачје.
Целиот наратив на обвинителството за настаните во Општина Центар се темелеше врз аудио-снимка од телефонски разговор меѓу Миле Јанакиески и Никола Груевски. Но, покрај снимката, обвинителството не обезбедило ниту еден друг доказ дека Јанакиески го послушал претпоставениот и ги организирал протестите. Звучи апсолутно неверојатно за Јанакиески да нема ниту една друга снимена „аудио-бомба“ или СМС порака, што би го потврдило тоа! А, Јанакиески бил меѓу најприслушуваните лица во периодот меѓу 2008 и 2015 година! Ако нема такво нешто, тогаш како воопшто може да биде организатор на протестите? Малку веројатно е организацијата да ја правел со гулаби писмоносци. Настрана тоа што сите обвинети во своите искази беа категорични дека ниту го познаваат, ниту имале некаква комуникација со Јанакиески, тој ни физички не можел да го стори тоа. Зашто, се потврди дека на денот кога наводно бил одржан координативен партиски состанок, тој воопшто не бил ни во Македонија, туку присуствувал на заеднички состанок на српската и македонската влада во Белград.
Единствениот доказ, што е понуден против Јанакиески е сведочењето на поранешниот советник и претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Центар, Томислав Лазаров, кој ја призна вината и ја издржа изречената казна. Но, во неговото сведочење има сериозни „дупки“, иако обвинителството токму врз неговото сведочење го темели обвинението кон Јанакиески.
Лазаров од една страна вели дека Јанакиески го поттикнал да го прави тоа што го правел и дека тој бил член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и партиски координатор за Општина Центар. Но, од друга страна истакнува дека координација имал со тогашниот генерален секретар на партијата Кирил Божиновски. Ако сите тврдат дека Јанакиески во тој период не бил член ниту на Извршниот комитет, ниту координатор, тогаш каде е вистината во изјавата на Лазаров?!
Вистината ја нема, зашто таа сега е префрлена на гола политика. Впрочем, тоа го покажа и докажа и обвинителката Фетаи, која среде судница правеше разлика меѓу протестите на „Шарената револуција“ и оние пред Општина Центар. За неа не се важни доказите и аргументите, туку тоа што сите знаат оти Јанакиески му бил десна рака и човек од доверба на Груевски! Останува да се види дали ова ќе биде поважно и за Судот.
Comments are closed for this post.