Комисијата за уставни прашања работејќи викендот што измина со усвојување на четвртиот нацрт амандман ја заврши расправата по нацрт амандмани на Уставот и се испраќаат на пленарна седница што е закажана за 1 декември 2018 година.
Расправата по амандманите во Комисијата почна на 7 ноември и беше предвидено да трае 12 дена, односно по три дена за секој од предложените амандмани.
Со првиот амандман се предлага замена на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот, освен во член 36 каде има историски аспект, со вториот во Преамбулата на највисокиот правен акт одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор, со третиот се додава нов став со кој се декларира почитување на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичка независнот на соседните држави, додека со четвртиот амандман се предлага покрај потврдување на македонскиот идентитет, да стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Нацрт амандманите произлегоа од потребата за имплементација на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, а според премиерот Зоран Заев заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на ЕУ интеграциите и новата политичка реалност.
Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измена на Уставот. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, по што тие одат на јавна расправа.
По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.
Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство.
Comments are closed for this post.