Врховниот суд ја уважи жалбата на обвинетиот Сашо Мијалков и му го укина куќниот притвор за случајот „Империја“. Мерката куќен притвор е укината и обвинетиот се пушта да се брани од слобода, поради мислењето што го донесе Врховниот суд дека СЈО нема законско право да бара притвор и да спроведува истраги 18 месеци по формирањето на СЈО.
Врховниот суд на Република Северна Македонија на 27 март 2019 година донесе решение по предметот заведен под ВКЖ1.бр.19/2019, со кое ја уважи жалбата на бранителот на обвинетиот С.М., адвокат Љупчо Шврговски од Скопје и решението на Апелацискиот суд Скопје КСЖ.бр.116/19 од 28.02.2019 година го преиначи на начин што ја укина мерката куќен притвор и го пушти обвинетиот да се брани од слобода веднаш по приемот на решението, се наведува во соопштението од Судот.
Решението, како што се додава во соопштението, е донесено согласно начелното правно мислење утврдено на Општа седница на Врховниот суд одржана на 30 јануари годинава, а бидејќи мерката куќен притвор спрема обвинетиот С.М. е определена по барање на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, кое нема својство на овластен тужител во оваа постапка.
Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков вчера излезе од Истражниот затвор „Скопје“ откако Апелацискиот суд му ја укина мерката притвор и му определи куќен притвор за случајот „Титаник 2“ за кој беше осуден на три години затвор.
Comments are closed for this post.