Преведувачот и писател Драги Михајловски, писателот и новинар Ристо Лазаров, актерот Петре Арсовски и хирургот-уролог Александар Ставридис се добитници на државната награда „11 Октомври“ за 2018 година. Михајловски, Лазаров и Арсовски го добија признанието за животно дело во областа на културата и уметноста, додека Ставридис за животно дело во областа на здравството.

Високото признание го сфаќам како следбеничко чекорење по славните врвици на големите татковци на современото македонско општество, тие што во мракот го пробија патот до светлината, тие што од искушенијата правеа решенија – во име на добитниците на нагрдата, истакна Ристо Лазаров.

Лазаров има објавено 30 поетски книги и речиси пет децении е присутен не само во македонската култура пред се како поет, преведувач, есеист и критичар, туку и пошироко како личност со меѓународно стекнат авторитет, како прекалено новинарско перо и учествувал во претставувањето на македонската литература.

Михајловски е автор на повеќе збирки раскази и романи, како и на книги за деца и млади од кои некои се преведени на повеќе јазици и има преведено повеќе од 140.000 стихови од англиски на македонски јазик, како и многу романи, раскази и драми.

Актерот Арсовски е поеднакво присутен во македонскиот театар, во македонската кинематографија и ТВ продукција, а од неговата прва филмска улога досега настапил во 77 филмски и телевизиски остварувања.

Хирургот-уролог Ставридис бил шеф на Катедрата по хирургија на Медицинскиот факултет во Скопје и директор на Клиниката за урологија. Тој на илјадници студенти им го пренел своето знаење и искуство. Повеќе стотици специјализанти по урологија, хирургија и гинекологија имале чест да бидат со овој значаен педагог и едукатор.