Како дел од новиот концепт за третман на комуналниот отпад и хигиената на јавните површини во градот, од денеска граѓаните на Скопје со сметките на ЈП „Водовод и канализација“ добиваат и флаер со упатство за правилно одлагање на нивниот отпад.
-Во флаерот градоначалникот Шилегов им се обраќа на своите сограѓани и им порачува дека со новиот концепт за третирање на комуналниот отпад се надева дека значително ќе се намали нередот и нехигиената на нашите улици. Исто така, тој потсетува дека прашањето на градската хигиена не зависи само од оние што се задолжени да се грижат за неа, туку и од граѓаните и нивното поведение и само со сечија реализација на својот дел од обврските, можеме да се надеваме на поголема хигиена во градот, соопштуваат од Град Скопје.
Новите 540 статични контејнери за комунален отпад што се набавени имаат различни технички карактеристики од старите – собираат трипати повеќе отпад, автоматски се затвораат, можат да се отворат и со нога, имаат и рачка за отворање приспособена за користење за лицата со посебни потреби, ги подигнува возило со само еден човек, и немаат тркалца што спречува да се разместувааt.
Исто така, и 950 канти за џебен отпад се различни од претходните затоа што се заштитени од непрописно полнење со ќеси полни со домашен смет, а и недостапни се за птиците и уличните животни кои досега го расфрлаа отпадот насобран во нив.
Како што соопштуваат од Град Скопје, на задната страна на овој леток се наведени и насоките за правилно одлагање на комуналниот отпад, телефонските броеви за пријавување кабаст и електронски отпад, како и бројот на телефонот на градскиот инспекторат за да може граѓаните да пријават неправилности.
Comments are closed for this post.