До почетокот на индната година нови 35 нископодни еко-автобуси на гас ќе сообраќаат по главниот град. Две-третини од нив би требало да бидат зглобни автобуси со „Еуро 6“ мотори кои ќе ги заменат старите дизел возила со „Еуро 2“ мотори.

За таа цел денеска во Министерството за финансии беше потпишан договор за заем од 10 милиони евра од Европската банка за обнова и развој. Дополнителни 1.8 милиони евра ќе обезбеди Јавното Сообраќајно претпријатие Скопје. Заемот треба да биде вратен во рок од 10 години со 3 години грејс период.

Одлуката за набавка на ваков тип автобуси е донесена по спроведените тест возења на 3 различни модели на автобуси, на гас и еден електричен автобус во текот на минатата година, истакна градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, кој посочи дека резултатите од овие тест возења покажале дека ваквиот тип на автобуси се еколошки, енергетски ефикасни и економски исплатливи.

Директорот на ЈСП Кристијан Чушков рече дека новите автобусите ќе имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните и дека ќе има можност за валидација на билетот на најмалку две места во возилото, со тоа рече Чушков, на граѓаните ќе им се овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации.

Заменик директорот на ЕБОР за општинска и еколошка инфраструктура Лин О’Грејди, рече дека покрај заемот, ќе биде доделен и грант од  1,1 милион евра за техничка поддршка со кој ќе се финансира изработка на мерки за подобрување на оперативното и финансиското работење на ЈСП