Денеска по подолго време ќе се одржи состоанок на македонско-бугарската комисија за историја.
На средбата, меѓудругото, е предвидено да се заврши со веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Македонија.
-По долга пауза како последица на Ковид 19 пандемијата, на 15 и 16 октомври во Скопје, ќе се одржи десеттата средба на Комисијата. На средбата ќе бидат разгледувани прашања и теми во контекст на надминување на историографските спорови кои претставуваат пречка во градењето на добрите односи и пријателство помеѓу двата народи и двете држави. Покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи, велат од македонскиот тим на Комисијата.
Десеттата средба е прва средба на Комисијата оваа година, последната се одржа во ноември минатата година, а во јуни Комисијата одржа еден виртуелен состанок на кој се дискутираше за содржината на записникот од деветата средба.
Заедничката македонско-бугарска комисија досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев. Досега, за период од две години Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 7одделение/6 клас.
Comments are closed for this post.