По пет и пол години конечно претставен проектот за реконструкција на Универзална сала. По бројните идеи за нов објект и паркови, сепак падна одлука таа да го задржи автентичниот изглед.

Градоначалникот Шилегов информираше дека на осми март е закажана седница на Град Скопје каде што ќе се прими донацијата, по што ќе следи распишување на тендер за првата фаза, односно екстерните преправки. Тој најави дека долгогодишниот клуч на вратата треба да се тргне некаде кон крајот на годината.

-Не се откажавме од идејата Универзална сала да биде реконструирана во постојниот облик и габарит, онака како што бараа скопјани. Очекувам во јуни да стартуваме со втората фаза што подразбира внатрешно уредување. Визуелното затворање на објектот треба да биде готов до септември, а комплетно завршување до крајот на годината, истакна Шилегов.

Задржувањето на автентичноста наиде на поздрав и од страна на уметниците. Еминентниот музичар Влатко Стефановски кој позади себе има бројни концерти во Универзална сала вели дека е задоволен што нема да се сруши светилиштето на популарната култура, туку напротив ќе му се даде нов живот. Тој сподели што за него значи универзалната сала.

Прво ми значат моите концерти, концертите што сам сум ги отсвирел, тремите што сум ги имал во гардеробите на универзална исчекувајќи го настапот. Салата е многу шармантна и покрај тоа што е стара, она е многу шармантна. Меѓутоа јас им реков уште пред 20 години на универзална сала, ако не дај боже ја рушите универзална сала една даска сакам да ми сочувате. Една од тие даски кои што значат повеќе од живот, истакна Влатко Стефановски.

Универзалната сала е изградена во 1965 година како знак на солидаронста за постземјотресно Скопје. Таа е направена од самопридонес на граѓаните и од донација на повеќе земји меѓу кои се Аргентина, Бразил, Боливија, Иран, Турција и многу други. Во нејзиното долгогодишно постоење на сцената зачекориле најистакнатите уметници од земјава, регионот, како и светски познати и признаени уметници.