Никој во Советот на Град Скопје, па дури и оние кои што ја поддржуваат Арсовска не го виделте договорот со приватните превозници, ниту знаат детали. Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски во гостувањето во емисијата 10 минути, најави дека ќе поднесат кривична пријава против градоначалничката, но и директорот на ЈСП, доколку е договорено да се исплаќаат дополнителни камати за неисплатените фактури кон приватните превозници.

„Јас сакам да ја видам таа спогодба. Ние како Совет немаме никаква информација, што соддржи, формално спогодбата која што ја постигнале, или дали тоа можеби е уште една нејзина лага дека се спогодила или навистина има нешто. Но, ако таа спогодба соддржи камата, затоа што законски им следува камата од неисплатените фактури, еве јас од оваа емисија можам да најавам дека и јас и ние како Советничка група ќе поднесеме кривична пријава и против градоначалничката и против директорот на ЈСП, ако се договориле да им ги исплатат дополнителните камати. Затоа што тоа е директно општетување на Буџетот на Град Скопје. Затоа што од буџетот на Град Скопје се исплаќаат средства на ЈСП, а ЈСП им исплаќа на приватните превозници“, вели Стефан Андоновски.

Со постигнатата спогодба, Арсовска практично призна дека постои долг кон приватните превозници. Но,кога тие протестираа и го блокираа градот, велеше дека не пости никаков долг.

Арсовска: Еве нека ми одговори еден човек во Македонија, зошто досега доколку тие имале некакви побарувања, една опомена пред тужба не испратиле, ниту една нема. Еве тужба нека прателе, нема не постои, едноставно не поднеле. Дали тоа не е индиција за нешто. Каде долгот доколку не не опоменале.

Новинар: На што се должи нивните тврдења дека ЈСП им должи милион евра, сепак тоа е сериозна сума.

Арсовска: Отпочната е сериозна истрага, ревизија се води активно.

Иако од Град Скопје засега нема конкретни информации за тоа што е постигнато со приватните превозници, сепак тие пред неколку дена излегоа во јавноста и кажаа дека по преговорите постигнат е договор за исплата на долгот.

„До сега бевме изманипулирани од старите претставници, не лажеа. Бидејќи ни се закануваа ние да не зборуваме, бевме изманипулирани од луѓето кои беа досега. Ние веќе ги изолиравме, тие за нас се историја и не постојат. Сега сме нов тим и со барање до Град Скопје не примија и работата е во ред“, вели Мемет Асани.

Приватните превозници велат дека Град Скопје, односно ЈСП ќе им го плати долгот од 1,5 милиони евра, по што околу 200 автобуси кои не сообраќаат 5 месеци ќе почнат да работат со нови услови за кои превозниците велат дека се задоволни.

Потсетуваме дека приватните превозници неколку дена по ред ја блокираа главната крстосница во главниот град во ноември 2022 година.