Терминот за предвремени избори во октомври 2020 година што денеска на опозицијата и го понуди премиерот Зоран Заев, за ВМРО-ДПМНЕ е разумна основа за разговори со власта на таа тема.
„Очигледно е дека под притисок на јавноста по многубројните скандали власта која што е во паѓање го прифаќа предлогот на опозицијата за предвремени парламентарни избори. А, тоа што се однесува за понудениот термин за октомври догодина, се чини како разумна основа за разговори со власта на таа тема“, изјави денеска портпатолот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање дали овој термин е прифатлив партијата и доколку нема договор за избори, дали ќе нема договор и за Законот за јавно обвинителство.
Во врска со тоа дали договорот за избори е врзан со договор за законот за јавното обвинителство, дали се условени едното со другото, Стоилковски истакна дека тоа што се посочувало досега, а и сега, е дека лидерска средба е невозможна без темата предвремени парламентарни избори.
На прашањето дали партијата е во коалиција со БЕСА, бидејќи вчера во Собранието заедно обезбедиле мнозинство и се чини оти се иста линија со оглед на датумот за барањето за предвремени избори, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека не е тајна дека се во постојана комуникација со сите политички партии.
„Станува збор за политички субјект кој што има свои ставови кои некогаш се поклопуваат, а некогаш не“, рече Стоилковски.
Comments are closed for this post.