Предлог-законот за попис утре пред пратениците. Во петокот бил испратен од Министерството за правда до Собранието, а утре за предлог законското решение ќе расправаат членовите на Комисијата за европски прашања, каде што е поднесен со европско знаменце.
Во меѓувреме од опозицијата велат дека законот е изготвен без консултации и се носи на шверцерски начин со европско знаменце за да се скрати просторот за дискусија.
„Вакво брзање покажува тенденција за носење закон изработен вон стандардите на Евростат и на релевантни меѓународни организации што се однесуваат до пописот. Заев сега се обидува во брза собраниска процедура да протне законски текст за спроведување на попис, без претходна консултација и без вистинска јавна дебата на која ќе бидат пренесени и ставовите на опозицијата и на граѓаните“, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој порача дека доколку власта се одлучи да продолжи со таков начин на носење на законското решение, се отвора можност ВМРО-ДПМНЕ и голем дел од граѓаните да не учествуваат во попишувањето.
Од СДСМ возвратија дека пописот е неопходна статистичка операција за да може да се реализира плански развој на целото општество.
„ВМРО ДПМНЕ, освен што шири невистини, нема ама баш никаков кредибилитет да зборува за попис. Цели 11 години на власт ВМРО ДПМНЕ не успеа да организира попис. Дури и оној што го започна, поради политички игри го прекина а потроши над 3 милиони евра народни пари. Сега целокупната подготовка за организирање на пописот е професионална и транспарента, по сите меѓународни стандарди и во неа цело време е вклучен Евростат“, се наведува во реакцијата од влаејачката партија.
Инаку пописот на населението во Република Македонија во 2020 година планирано е да се спроведе од 1 до 21 април. На терен ќе бидат ангажирани околу 5.000 попишувачи, а овој пат ќе се користи комбиниран метод што подразбира покрај корисење податоци на терен, и податоци од регистри. Според проценките пописот ќе чини 8,5 милиони евра.
Comments are closed for this post.