Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва се обрати на 27-мата Годишна конференција на Унијата на млади сили на партијата истакнувајќи дека Унијата која е срцето на партијата, витален дел важен дел за одржување на нејзиниот живот.

-Унијата на млади сили растеше со нашата земја. Исто како и нашата независна држава ги правеше првите чекори, првото проодување, првите изненадувања, препреки, имаше и грешки, но и успеси. Како и се во животот ништо не дојде случајно, но заслужено и со причина. Така денес ова е генерацијата за новите победи кои мора да дојдат заслужено, со работа и со многу енергија, чекори. Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ  ја имаше, ја има и секогаш ќе ја мојата поддршка, од првиот до последениот член. Младите се мојот најсилен приоритет и во мене можете да најдете пријател, учител, родител, брат, сосед, соговорник за идното дејствување, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски рече дека секоја куќа мора да има темели, колку тие ќе бидат цврсти зависи од секој еден од нив, така е и во партијата.

-Младите се нејзиниот темел. Потпората на нашите политики, но и главната енергија. Овие млади со мене, како и оние кои забрзано се приклучуваат незадоволни од општата економска и политичка ситуација се генерацијата на новите победи на ВМРО-ДПМНЕ. Јован Јаулески ја води Унијата во тежок период, во најтешкиот период за нашата татковина, но и за младите, кога тие се на маргините на оваа власт.  И можеби најсилно ги чувствуваат црнилата на денешното време. И илјадници од нив живеат, стануваат и легнуваат со помислата да го најдат своето решение таму некаде надвор од ова што го имаат тука, затоа што тука имаат малку и не гледаат иднина во сопствената држава Но иднината на оваа земја мора да продолжи да се гради со младите, Македонија има што да понуди. Младите почнуваат да ги менуваат работите, да се мобилизираат, да го креваат својот глас. И оние канцелариски бирократи во Владата иако не ја гледаат нивната несреќа, доаѓа времето кога младите ќе им ја раскажат најважната лекција, лекцијата дека тие се иднината на оваа земја, и никој, па ни оваа власт има право да им ја одзема таа иднина. А УМС ќе биде најсилниот застапник на тие интереси. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ подава рака на младите, а на сите нам државата ни е најважна, затоа што Македонија ни е се што имаме, нагласи Мицкоски.