Не постои држава на која што Уставот и е подготвуван од соседите. За жал, македонскиот народ е експеримент на Зоран Заев. Достоинството на македонскиот народ е ставено на тезга од страна на Зоран Заев кој крои нов Устав напишан по грчки инструкции, ова денеска на пресконференција го истакна Наум Стоилковски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Владата, министерот Никола Димитров како потписник на договорот и Зоран Заев како договарач на овој документ, мора да престанат со криење. Гласачите мора да ги знаат вистинските факти за да донесат правилна лична одлука на 30-ти септември. Дали се точни информациите дека амандманите се веќе подготвени и се кријат од јавноста? Дали амандманите се напишани од грчката власт и доставени како нон пејпер? Внимавајте, Владата, извршната власт, е должна да одговори дали амандманите се скроени за Уставот и се подготвени не од македонската Влада, туку од грчката Влада и и’ се дадени во форма на нон пејпер на македонските власти? Дали владата ангажирала само пензиониран професор по уставно право, за само технички да ги среди амандманите што им се доставени. Зошто владата прифаќа капитулантски однос Грција да ги пишува амандманите што Собранието на Република Македонија евентуално треба да ги усвои? Власта во оваа кампања мора да ги даде клучните одговори, да ги запознае граѓаните со клучните моменти за што е Референдумот и да не ги доведува граѓаните во заблуда. Тие мора да ги знаат сите факти, не смее да бидат манипулирани. Зоран Заев отворено рече не ги објавуваат амандманите затоа што народот ќе се чувствувал непријатно и тоа ќе влијаело на одлуката на референдумот, вели Стоилковски.
Тој вели и дека власта повикува на излезност, а се крие најважното, како ќе гласат амандманите на Уставот на Република Македонија?
-Членот 1, точка 12 од Договорот јасно стои дека цитирам:
„Името и термините наведени во членот 1 од оваа спогодба ќе бидат вградени во Уставот на втората страна. Ваквата промена ќе се изврши наеднаш и севкупно со еден амандман. Според таквиот амандман, името и термините ќе се сменат следствено во сите членови од Уставот. Натаму, втората страна ќе пристапи кон усвојување на соодветни амандмани на Преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот.“ Прашуваме дали Преамбулата на Уставот на Република Македонија ќе биде полн со фалсификувани факти: Македонскиот народ и останатите делови од народи се бореле за создавање на Северна Македонија тоа ќе биде класичен историски фалсификат? Дали ќе се бришат одлуките донесени на АСНОМ за создавање на самостојна Македонија во рамки на своите етно географски граници како идеал на многу генерации Македонци? Ќе се фалсификува ли историскиот факт дека цитирам: „Референдумот од 8-ми септември 1991 година, граѓаните одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава” и дали ќе се напише дека граѓаните на референдумот од 1991 година одлучиле да ја конституираат Северна Македонија? Во истиот контекст на фалсификување на историјата. Дали членот 36 од Уставот кој сега гласи цитирам: „Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите национално ослободителни војни на Македонија“ ќе се измени со тоа дека национално ослободителните војни се воделе за Северна Македонија? што ќе биде фалсификување на се’ што значи македонски вековен стремеж за државност и признавање?, прашува Стоилковски.
Додава дека Зоран Заев посочи на измена на членот 3 од Уставот, што е многу индикативно, прво што еднаш е променет во 1992 година на инсистирање од Грција, а второ, заради неговата содржина, која што ја цитирам: „Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива, Република Македонија нема територијални претензии кон соседите. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципите на добрососедство и во согласност со општоприфатените меѓународни норми”.
-Владата, извршната власт, потписниците на Договорот, преговарачите, Зоран Заев, мора веднаш да одговорат што се бара од Република Македонија? Дали се бара да се откаже од нејзините граници, или од нејзината неделивост и неотуѓивост на територијата? Зоран Заев го наведе членот 49 од Уставот на Република Македонија дека ќе биде менуван согласно барањата на Грција, иако и тој е менуван исто во 1992 година исто по барање на Грција. Оттука, што е спорно во членот 49 кој што гласи цитирам: „Републиката се грижи за положбата и правата на припадниците на македонскиот народ во соседните земји и за иселениците од Македонија, го помага нивниот културен развој и ги унапредува врските со нив. Републиката притоа нема да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи. Републиката се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на Република Македонија во странство.“ Дали согласно членот 7 од Договорот од Преспа, Владата прифати дека ниту има македонски народ, ниту има македонски јазик надвор од границата на денешна Република Македонија што ќе биде целосно спротивно на фактите на теренот? Дали Владата прифати дека нема Македонци надвор од Република Македонија и дека нема македонски јазик надвор од Република Македонија? Овие измени и фалсификувања на историските факти во Уставот нема да завршат тука. Тие ќе бидат темел за менување на се’ она што ќе го работи грчката комисија за долгогодишно ревидирање, бришење на учебниците, картите, бришење на архивите, за фалсификување на државните, но и на личните и семејните сеќавања на трагедиите и борбата за Македонија, рече Стоилковски.
Тој додава дека и затоа овие прашања заслужуваат одговор за да можат граѓаните да донесат правилна одлука што ќе прават на 30-ти септември. Владата треба да е искрена и да им каже на граѓаните дека на 30-ти септември не одлучуваат за Европска Македонија туку дали ќе се обезличи македонскиот народ и ќе се создаде нова држава која што ќе се вика Северна.
Comments are closed for this post.