Навреди, омаловажувања по пол и возраст се само дел од недоличните напади на Стево Пендаровски и неговиот тим упатени директно кон кандидатката за претседател на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, обвини денес Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Велат, логички у Бардовци треба да оди, и тоа е навреда упатена преку социјалната мрежа Фејсбук директно од шефот на изборниот штаб на Стево Пендаровски, Ѓорѓи Галетановски наречен Чомбе кон Гордана Сиљановска Давкова. Ова е коментарот на Галетановски објавен кај него, објавен на неговиот Фејсбук профил.
Ваквиот коментар на Галетановски предизвика низа други навредливи коментари токму преку социјалните мрежи. Со ваквите коментари се омаловажува Сиљановска и се дискредитира нејзината личност“, рече Стоилковски.
Тој додаде дека Стево Пендаровски на телевизискиот дуел со Гордана Сиљановска Давкова негираше дека било кој од неговиот тим ја навредувал, „очигледно играјќи на краткото паметење, и притоа ветувајќи дека доколку му се дадат докази за навреда кон Сиљановска од било кој од неговиот тим, тој веднаш ќе го избрка тој лик од тимот кој што му ја води пиар стратегијата за време на оваа кампања“.
„Господине Пендаровски очекуваме доследност во вашите ставови. Напуштете ја матрицата на Зоран Заев за негирање. Напуштете ја матрицата „заевизмот“, на се што кажувате и спроведете го тоа што го ветивте пред целата македонска јавност, а за што впрочем ве потсетивме. Доколку и овој пат не го испочитувате вашето ветување само ќе потврдите дека вие и Заев сте 102,5% исти“, порача Наум Стоилковски.
Comments are closed for this post.