Собранието денeска треба да одржи продолжение на 29. седница, на која се очекува да се гласа за Предлог законот за попис на населението, домаќинства и становите , по скратена постапка.
Расправата за Предлог законот во Собранието, со кој треба да се овозможи во државава да се спроведе попис по 19 години, заврши на 15 јануари. Тогаш беше најавено дека за законот ќе се гласа на продолжение на оваа седница, кое ќе биде дополнително закажано.
Освен владејачката коалиција поддршка за законот најавија и од албанската опозиција, Алијансата за Албанците и Алтернатива, а против законот е опозициската ВМРО-ДПМНЕ која најави дека ќе бара негово поништување преку собирање граѓански потписи.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека СДСМ и другите коалициски партнери, вклучувајќи ја и ДУИ, остануваат целосно посветени на успешно спроведување на пописот. Се надева дека многу скоро во Собранието ќе биде донесен Законот за попис, а однесувањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ го окарактеризира како смешно, неодговорно и неразумно.
– СДСМ, така и другите коалициски партнери, но секако и вториот коалициски партнер ДУИ, остануваат целосно посветени на успешното спроведување на пописот на неговата афирмација во делот на спроведувањето и на негова поддршка. Тоа се однесува на поддршка не само на политичката партија ДУИ туку и на претставниците во Парламентот, во Владата и во институциите и на крајот, со апелот кон сите граѓани за поддршка на самиот попис. Убеден сум дека ќе имаме статистичка операција која на крајот ќе ги покаже податоците што ќе бидат релевантни, стопроцентно точни и ќе ни помогнат за креирање на многу економски политики, рамномерен регионален развој, соодветни политики во сите сектори, образование, култура, здравствена заштита, рече Заев на прес-конференција во Владата.
Comments are closed for this post.