Собраниската Комисија за уставни прашања денеска ќе ја започне расправата за четирите нацрт-амандманите на Уставот согласно Договорот од Преспа, која треба да трае 12 дена. Пленарната седница претседателот на Собранието Талат Џафери, кој истовремено е и претседател на Комисијата, ја закажа за 1 декември.
Премиерот Зоран Заев во петокот на прес-конференцијата во Владата соопшти дека четирите амандмани се едноставни, немаат ништо спорно и се во согласност со меѓународните стандарди и заслужуваат поддршка од сите пратеници во име на интеграцијата во ЕУ и во НАТО. Според него, нацрт – амандаманите се утврдени низ иклузивен процес и во нив се вградени предлозите на независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ во македонското Собрание.
Пратениците во Собранието, како што појасни Заев, имаат можност низ дебата и амандмани да го подобрат текстот на предложените нацрт-амандмани.
Првиот амандман се однесува на замената на зборот Република Македонија со Република Северна Македонија секаде во Уставот освен во членот 36 каде има историски аспект.
Вториот се однесува на Преамбулата на Уставот, каде, како што рече Заев, одлуките на АСНОМ се заменуваат со Прогласот од Првото заседание на АСНОМ и се додава Охридскиот рамковен договор да биде конститутивен елемент на државата.
Делот на АСНОМ се однесува на замена на одлуките со Прогласот на АСНОМ, заради тоа што, ако остане вака, тоа би предизвикало одредени проблеми во одредени можни идни времиња на соработката меѓу Македонија и Грција. Тоа е така затоа што дел од одлуките на АСНОМ велат „Македонци од Грција и Бугарија обединете се”. Прогласот го нема тој дел, туку во него се зборува за единството во државата, демократијата, државотворноста, слободата, човековите права и слично и тоа е фер пристап за градење пријателство. Впрочем, Договорот или Спогодбата со Грција е воспоставување на трајно пријателство со нашиот јужен сосед, појасни Заев.
Во однос на Охридскиот рамковен договор, кој се вметнува во Преамбулата на Уставот, премиерот рече дека овој договор и досега бил вграден целосно во Уставот, но оти аргументите што биле дадени во дебатата биле дека кога веќе се отвара Уставот, тогаш и тој да се вгради за да биде конститутивен елемент.
– Тој е дел од Уставот, вграден е, и тука само се додава формулацијата Охридски рамковен договор, рече Заев.
Во третиот амандман се додава само еден став, а тоа е Републиката го почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните држави, што дава посилни гаранции за трајност и неповредливост на границите со Грција, иако се однесува за сите соседи.
Во четвртиот амандман, покрај потврдување на македонскиот идентитет, стои дека Републиката ги штити правата и интересите на своите државјани кои живеат или престојуваат во странство и ги унапредува нивните врски со татковината.
Собранието на 19 октомври со 80 гласови „за” донесе одлука за пристапување кон уставни измени, согласно Договорот од Преспа. Осуммина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаа „за” уставни измени.
Утврдувањето на нацрт амандманите на Уставот од страна на Собранието е втора фаза од постапката за измена на Уставот. Нацрт амандманите се утврдуваат со просто мнозинство или 61 глас, додека третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници.
Собранискиот Деловник предвидува од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието до одржување на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.
Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува Парламентот.
По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изготви предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена.
Предлог амандманите треба да бидат разгледани од Законодавно-правната и Комисијата за уставни прашања, а на крај и на пленарна седница.
Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на Преамбулата на Уставот освен двотретинско, е потребно и Бадентерово мнозинство
Comments are closed for this post.