Владата денеска го утврди текстот на Предлог на Закон за задолжување на Република Северна Македонија кај Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка по Договорот за заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност, кој го доставува до Собранието за усвојување.
Како што соопштија од Владата, целта на заемот е да се обезбедат средства за буџетска поддршка, а основното начело врз основа на кое се заснова овој предлог на Закон е обезбедување на заем за развојни политики за јавни финансии и конкурентност.
„Од тука, Република Северна Македонија и Светската банка ќе склучат Договор за заем во износ од 125 милиони евра, кои се дел од новата Рамка за партнерство на државата со Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка договорена на 18 април 2019 година за периодот 2019-2023 година во висина до 420 милиони УСД за нови заеми во текот на следните четири и пол години на спроведување на Рамката за партнерство, во зависност од капацитетот за кредитирање на Светска банка, барањата на други заемопримачи, успешноста и приоритетите на земјата и глобалните економски настани“, соопшти Владата.
Во истото соопштение се додава дека Рамката за партнерство се фокусира на три меѓусебно поврзани области кои Македонија ги има постигнато, како што се: извозно ориентиран раст, подобрување на средината за конкурентен приватен сектор, инклузивен раст, односно проширување на вештините и можностите за најранливите категории и одржлив раст, односно подобрување на одржливоста и градење на отпорност на шокови.
Comments are closed for this post.