Легитимација на референдумот ќе биде големо мнозинство, а тука индикатори ќе бидат мнозинствата од претходни изјаснувања на граѓаните на претходните парламентарни избори, изјави на последнта средба со новинарите министерот за надворешни работи, Никола Димитров.
Со ова, иако не даде конкретна бројка, тој ги потврди најавите дека договорот со Грција ќе продолжи да се турка низ институциите на системот, без оглед дали на претстојниот референдум ќе биде или не исполнет уставно и законски утврдениот цензус. Образложението беше дека референдумот не е правен услов во договорот, а неговото споменување се должи на политичката заложба и ветувањата и на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ.
Индикативно е зошто министерот ги посочи резултатите само од парламентарните, а не, на пример, локални или, уште подобро, претседателски избори.
Експерти, пак, за Пресинг ТВ, кои сакаат да останат анонимни, велат дека бројките од било кои избори се неспоредливи и не може да се стави знак на равенство за било какво оценување на успешноста или не, на било кое референдумско изјаснување на граѓаните.
-Изјавата на министерот е со цел, свесно и намерно создавање конфузија кај сите граѓани, експерти и други стручни лица за да се впуштат во анализа на претпоставена математичка состојба со која се создава алузија за наводно потребен број гласачи, што би се изјасниле ЗА, за да му се даде легитимитет на референдумот. Евентуалното жонглирање со бројки би претставувало чисто бегство од правото и од законските и уставните норми, што во суштина би значело озаконување на бесзаконието, вели нашиот извор.
Наместо било каква правна алхемија, европските стандарди се јасни и концизни, со јасни процедури и целосна доверба во нив, како и доверба во референдумските резултати. А, со изјавата, според нашиот извор, министерот брутално ги дерогира и ги погазува предвидените процедури, иако како држава се стремиме токму кон почитување и владеење на правото. Доколку нема цензус, граѓаните ќе можат да ја оспорат одлуката пред меѓународен суд. Во тој случај, ќе има ли толку храбра европска институција, што би можела да признае таков резултат.
Сега, наспроти укажувањата, малку жонглирање со бројки. На пример, на претседателските избори во 2004 година, во вториот круг гласале 909.289 граѓани или 53,6 отсто од вкупниот број запишани избирачи. Бранко Црвенковски победи со 550.317 гласа или 62,6 отсто од гласовите, наспроти Сашко Кедев, кој освои 329.179 или 37,4 отсто од гласовите. На претседателските избори во 2014 година, во вториот круг гласале 967.694 граѓани, односно 54,38 отсто од вкупниот број избирачи. Ѓорге Иванов освои 534.910 или 55,28 отсто од гласовите, наспроти противкандидатот Стево Пендаровски со 398.077 или 41,14 отсто гласови.
Кај парламентарните избори е уште потешко да се прави било каква математика. Зашто, едно е да се победи на изборите, а нешто сосема друго да се формира Влада, што најдобро се илустрира со последните избори од 2016 година. И тука е клучно кои бројки и од кои политички партии би се собирале, а кои не би влегувале во вкупниот збир. Истото важи и за локалните избори. Но, како и да е, на сите излезноста на граѓаните е над 50 отсто од вкупниот број избирачи, бројка што од аспект на претстојниот референдум, според реакциите и најавите од власта, во моментов изгледа како недостижна.
Comments are closed for this post.