Што ќе го подобри животот на светиниколчани? Што очекуваат граѓаните од идниот градоначалник? На оваа тема разговаравме со кандидатот за градоначалник на Свети Николе од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Владев.

Кој е мотивот да се кандидирате за градоначалник?

Владев: Јас сум светиниколчанец, роден сум таму, основно и средно образование имам стекнато во Свети Николе, целиот мој професионален и политички ангажман го остварувам во Свети Николе. Во последните години сите граѓани на Свети Николе почувствуваа стагнација на секое поле. Во 2017 година кога оваа локална гарнитура предводена од СДСМ дојде на власт ветуваше многу проекти, да не кажам и мегаломански, на коишто, да речам, наседнаа граѓаните. Но овие 4 години сме сведоци дека 85 проценти од неговата изборна програма останаа нерелизирани. И тоа малку што го имаше направено беа проекти оставени од претходната локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Поради тоа, како актуелен претседател на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Свети Николе, долгогодишен член и активист и вработен во Центарот за вработување во градот, сум во постојан контакт со граѓаните, со приватниот сектор, со пазарџиите, со малите бизнисмени, со селаните… Сите граѓани ги тиштат проблемите на општина Свети Николе. Поради тоа заедно со мојот тим којшто ќе биде идна локална власт во Свети Николе донесовме одлука да го подобриме животот во Свети Николе. Нема да ветуваме мелагомански проекти и ќе се задржиме на оние основни работи кои ги тиштат нашите сограѓани.

Прво основното, хигиената во општината е на најдолно можно ниво. Шут, ѓубре, трева, неисчистени контејнери гледаме на сите страни, од центарот на градот кон периферијата. За селата да не зборуваме. Речното корито во општината е на најдолно ниво. Таков смет, такво ѓубре, таква нехигиена ми се чини нема никаде во Македонија. Еве денес, пред да дојдам во Скопје, слушајќи ги нашите заложби за тоа, видов багери утринава почнаа да ја чистат реката. Мораме да го решиме овој проблем. Тоа ни е основна работа. Свети Николе да биде модерен хигиенски град.

Потоа пречистителната станица е пуштена најмалку трипати од страна на актуелниот градоначалник и локалната самоуправа. На гости, на сечење лента му доаѓаа министри, директори на разни претпријатија од централната власт. Но ситуацијата е сосема друга. Капацитетот на прочистителната станица дали е на половина од тоа што треба да биде. Миризба се шири од центар кон периферијата, кон селата. Фекалии се слеваат секојдневно во речното корито. Поради тоа граѓаните не можат да излезат на балкон, да прошетаат покрај кејот. Има многу други проблеми.

Проблеми има многу, но од некаде мора да се почне. Која е првата работа на која ќе се обврзете доколку станете градоначалник?

Владев: Токму ова, чистење на речното корито, ќе направие модерно речно корито од центарот на градот до основното училиште Кирил и Методиј, каде што секојдневно стотици деца посетуваат настава. Таму планираме, покрај уредување на речното корито, да спроведеме проект започнат од власта на ВМРО-ДПМНЕ, а сега е закочен од страна на градоначалникот и локалната самоуправа со изведувачот за што водат судски спор, за партерно уредување на речното корито на потегот на паркот во центарот на градот, со осветлување. Нашиот парк во тој дел ќе биде модерно место за шетање и уживање на граѓаните. Сега тоа е темно место, неосветлено, со ѓубре, место каде што сомнителни лица вршат работи кои не треба да ги прават.

Потоа вниманието ќе го насочиме кон прочистителната станица. Мора да работи во полн капацитет за да не мора граѓаните да го гледаат изметот што се слева во речното корито и да не ја трпат реата што се шири, посебно во летниот период, во жештините кога навистина е неподносливо да се биде покрај реката.

Азбесните цевки, ветуваа континуирана промена, но дали имаат во метри сменето. Свети Николе е град којшто, за жал, има најголем процент на лица со малигни заболувања. Да најдеме начин да почнеме со континуирана и постепена промена на азбесните цевки со пластични, посебно од пределот од населбата Бел Камен па надолу кон другите делови од градот.

Имаме неколку населби каде што се изградени нови куќи, а веќе пет години немаат асфалт. Граѓаните не можат да влезат со возилата во дворовите. Мора да ги направиме улиците, 21 век е.

Свети Николе е град во кој што нема делови за рекреација и на деца и на млади. Клацкалки речиси и да нема, излетничките места не се одржуваат. Имате ли некаква замисла? Вашиот против кандидат, кој е и актуелен градоначалник вети изградба на затворен базен.

Владев: Претходните локални самоуправи предводени од ВМРО-ДПМНЕ изградија доста спортски игралиштана потегот на целата општина, во маалата и во селските средини. Но во овие четири години, можеби од негрижа на нашите сограѓани, но сепак одговорноста е на локалата, која треба да се грижи и да ги одржува, се запустени. Лулашки има на две места во градот. Во центарот има импровизирано детско игралиште со неколку содржини. И во пределот кај новиот парк, но тоа е смешна работа.

Поради тоа, ние како нова локална самоуправа сакаме да посветиме повеќе внимание на младите. Планираме да го промениме изгледот на новиот парк. Тоа е големо пространство, на 200 метри од центарот на градот, а е целосно запуштено, сува трева. Има нова црква Св. Лидија, тениско игралиште оставено од Агенцијата за млади и спорт, од времето на ВМРО-ДПМНЕ, кое реално нефункционира, оставено на забот на времето. Поради тоа како човек кој постојано е во контакт со младите, родител сум на 19 годишен син и 13 годишна ќерка кои сакаат да се дружат, да се рекреираат, планираме тој потег да го направиме еден модерен комплекс. На едниот дел од паркот да направиме амфитеатар каде сите граѓани ќе може да одржуваат средби, митинзи, разни музички настани… Во план е и пантрак со скејт простор. Кружна патека каде младите ќе моќат слободно да скејтаат, а не како сега да возат по улиците. Се случуваат многу незгоди со ролери, се вози по главните улици. Сега ќе добијат свој простор каде може безбедно да ги остваруваат своите активности. Исто во новиот парк планираме да направиме и спортско игралиште. Сега има бетониран простор, со скршени кошеви, без голови. Тоа ќе го направиме поинакво, модерно. Ќе се стави лулашки, разни содржини за нашите најмали. Ќе добиеме модерно место за спорт, рекреација, музика, концерти.

Што се однесува за затворениот базен што нашиот градоначалник во заминување помпезно го најави на 30 дена пред неговото заминување од власт и неговиот пат на старото работно место во Штип во УЈП, можам да кажам дека е дрско, небулозно, смешно и наиде на многу смешни реакции од страна на граѓаните. Не може некој што ветил базен 4 години само да прави планови, скици, програми, и еден месец пред избори да излезе, еве јас ќе правам базен. Сакам да ви напоменам дека Свети Николе е еден од ретките градови во Свети Николе којшто нема свој базен, нема приватни објекти каде што ќе има вакви содржини, а во педесетите години Свети Николе е еден од првите градови којшто имал голем базен. Нашиот градоначалник овие проекции ги прави само на дневна политичка основа, нема основ, нема начин како тоа да го направи во овој период. Затворен базен, убав на слика, на 4Д анимација, но несериозно, си игра со интелегенцијата на сите граѓани на Свети Николе. Базен Свети Николе ќе има, имаме веќе разговарано со приватни инвеститори, дали ќе биде во склоп со нив, дали на товар на Општината, но базен ќе има. На потегот каде што сегашниот градоначалник сака да го гради е едно диво место, каде нема пристапност. Кога ќе дојдеме на власт ќе видиме каде, но можам да кажам дека во наредните година две ќе има два базени во просториите на веќе постоечки приватни угостителки објекти. Сегашната локална власт не им дала дозвола за градење.

Во овој разговор главно се задржавме на хигиената на градот и проектите на младите. За останатите проекти ќе слушаме во текот на кампањата. Го споменавме актуелниот градоначалник кој е и ваш противкандидат. Изненади уште една кандидатура, Слободан Даневски, поранешен пратеник и градоначалник, кој собра потписи како независен кандидат? Колку неговата кандидатура ќе се одрази врз резултатите?

Владев: Можеби за некого е изненадување, но во светиниколската јавност можеби и беше очекувано. Што да кажам за актуелниот градоначалник. Не е мое субјективно мислење, мислење е општо на сите граѓани, дека е еден меѓу послабите градоначалници што Свети Николе ги имало во својата историја. Неговото место припаѓа само во историјата. Убеден сум дека нема да биде сериозен противкандидат. Свети Николе е град којшто со години е провмровски. Сега рејтингот на нашата партија на локално ниво е многу повисок од рејтингот на СДСМ.

Другиот мој противкандидат досега во листата на советот има член од СДСМ, кој е сега носител на таа независна листа. Работата е провидна, здружени заедно сакаат да ги ослабат позициите на ВМРО-ДПМНЕ, за евентуално да се случи втор круг на кој ќе има пазари. Такво нешто нема да се случи. ВМРО-ДПМНЕ ќе победи во првиот круг на локалните избори, а мнозинството на советот ќе биде од ВМРО-ДПМНЕ.

Како го гледате Свети Николе после 4 години доколку вие бидете градоначалник?

Владев: Свети Николе како како центарот на исток, како бисерот на Овче Поле го гледам како модерен град, со изградена комплетна инфраструктура, со комплетно изградени патишта, изградени канализации таму каде што нема. За жал во Свети Николе нема канализации во определени делови, па дури и во самото градско подрачје, за селата да не зборуваме. Има барем 4-5 поголеми села кои немаат канализација. Основните услови за живот за да може секој светиниколчанец да живее да твори, да напредува, во наредниот четиригодишен мандат ќе ги има. Сакам да напоменам дека како политичка партија во нашата програма ќе ја ставиме и старата светиниколска градска чаршија, која е во стогиот центар на градот, а е оставена во заборав на времето. Ќе ја обновиме со сите работи, како во педесетите години. Ќе се врати тој изглед на куќите, со нови фасади, на товар на општината. Ние сме единствено место каде што нема добро излетничко место. Имаме прекрасна акумулација Мавровица, којшто се наоѓа помеѓу Пробиштио и Свети Николе, на десетина километри од градот. Претходната локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ стави неколку летниковци непосредно до езерото, доаѓаат доста рибари, како од градот, така и од соседните општини. Заедно во соработка со ИПАРД програмите на министерствата на централно ниво планираме да направиме еден модерен комплекс каде што светиниколчани и граѓаните од соседните општини ќе можат да дојдат, да уживаат, да ловат риба, да кампуваат, а согласно законските можности би се дала можност и на определен приватен инвеститор да изгради модерен комплекс.

Целиот разговор слушнете го во видеоинтервјуто кое го водеше Билјана Бабиќ