Денеска втор ден Комисијата за уставни прашања ќе дебатира за уставните измени кои произлегоа од Договорот од Преспа.
Вчерашната расправа мина брзо поради верскиот празник Св. Никола. Говореа само координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Мицевски ја образложи одлуката на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да учествуваат во понатамошниот тек на расправата за уставните измени.
Запомнете ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ како и граѓаните недвосмислено се за ЕУ и НАТО, но не и за наметнатото решение, Република Северна Македонија. Барем еднаш почитувајте ја одлуката и волјата на граѓаните, патем сите ние сме избрани од нив, потенцираше Мицевски.
Димитров пак имаше сосема спротивен став и убедуваше дека може да обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот, бидејќи тоа го должиме на сегашната и на идната генерација.
Ги повика пратениците да бидат креатори и да бидат запаметени како оние што ја ставиле нашата земја во нова реалност на меѓународните односи, како земја со автентична улога и став и земја учесник и креатор на сопствената судбина.
Мислам дека направивме се за еден исклучително деликатен процес како Влада да ги вклучиме сите други, затоа што нашиот природен интерес беше да се сподели оваа одговорност и со претседателот на државата и со опозицијата во Собранието. Потпишувањето на договорот е во согласност со член 119 од Уставот и членот 3 од Законот за меѓународни договори- изјави Димитров.
Oтако ќе се исцрпи расправата во Комисијата за уставни прашања, таа се сели на пленарна седница каде за да се изгласа промена на Уставот потребно е двотретинско мнозинство.
Comments are closed for this post.