Владата на Република Македонија им се приклучи на стотиците значајни знаменитости и институции ширум целиот свет коишто вчера блеснаа во портокалово во знак на поддршка на ставањето на крај за насилството врз жени и девојки, што го означи и почетокот на кампањата „16 дена активизам против насилство врз жени и девојки“.
Настанот во организација на семејството на Обединетите нации и Владата на Република Македонија, на едно место ги собра претставниците од невладиниот сектор, дипломатскиот кор како и локалните и меѓународните институции, кои ги истакнаа своите заложби и подготвеност за соработка при борбата против родово базираното насилство.
На настанот се обрати премиерот Зоран Заев кој рече дека „Владата е посветена на системско унапредување на родовата еднаквост и елиминирање на сите форми на насилство врз жените“.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го потенцираше прогресот во акцискиот план за спроведување на Истанбулската конвенција притоа потенцирајќи дека Владата веќе иницира измени на кривичниот законик, но и воспостави интерсекторска соработка и протоколи за третман на жртви на насилството.
Свое обраќање имаше и амбасадорот на ОБСЕ, Клеменс Која, кој посочи дека „едно поново истражување на ОБСЕ за насилството врз жените во државата покажува дека 14 проценти од жените биле жртва на физичко или сексуално насилство откако наполниле 15 години, од партнер или од друго лице, а околу 44 отсто од жените биле жртви на психолошко насилство од интимен партнер“.
В.д. постојаниот координатор на Обединетите нации, Бенџамин Перкс, ги повика сите да направат се што е во нивна моќ за да стават крај на семејното насилство, сексуалното вознемирување, раните бракови и сите форми на насилството врз жените.
Comments are closed for this post.