Шефот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи поднел претставка поради ненавремено постапување по кривичните пријави против двајцата обвинители Фатиме Фетаи и Сашо Рајчев. Претставката е поднесне до Советот на Јавни обвинители. Претставката е поднесена и до Јавното обвинителство на Република Македонија, како и до вишиот јавен обвинител на Вишото обвинителство Битола.

Шеф на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи

Како што изјави Хајрулахи претставката е поднесена поради обидот да се застари делото.

Очигледна е намерата да се чува кривичната пријава за делото да застари. Претставката за непостапување е веќе поднесена. Кривичната пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и злоупотреба на лични податоци против Фетаи и Рајчев е поднесена уште во мај 2008 година, а до јуни годинава не беше преземено ништо. Очигледна е намерата да се има контрола врз предметот и да се доведе до застарување. Релативната застареност за ова дело е 2 години и токму тоа е интенцијата. И да се донесе одлука по истата, по поднесена жалба делото ќе застари – коментира обвинителот, кој додава дека се водат и дисциплински постапки против двајцата обвинители, но како што вели, веројатно под притисок на одредени моќници во обвинителскиот систем се одолговлекува постапката – вели Хајрулахи.

Шеф на битолското обвинителство, Оливера Нечаковска

Пред десетина дена Хајрулахи за „Република“ изјави дека откако во мај 2023 година ги поднел кривичната пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и злоупотреба на лични податоци до јуни никој не побарал да биде сослушан по наводите од истата. Затоа во јуни годинава тој инсистирал кај битолската обвинителка која го води предметот, Оливера Нечаковска, да даде изјава за пријавата која ја поднел.

– На 13 јуни 2024 година по мое инсистирање сум сослушан од страна на обвинителката Нечаковска. Ги потенцирав наводите по кривичната пријава и доставив копија од пресудата на Граѓанскиот суд за објавените текстови на сопственикот на порталот Доказ кај што тој признава дека објавува текстови по нарачка на обвинителите. Освен копија од пресудата доставив и писмени изјави дадени од сопственикот на порталот Доказ, Марјан Стаменковски – ни изјави шефот на скопското вишо обвинителство, кој нема сознанија дали после неговото сослушување е постапено по пријавата.

Од мај 2023, кога е поднесена пријавата во Јавното обвинителство на Република Македонија, кога државен обвинител беше Љубомир Јовески, до декември, до неговото заминуање, не е постапено по кривичната пријава. Била доделена на обвинителката Соња Симовска, која во декември беше избрана за в.д. државен обвинител, токму на местото на Јовески. Таа требало да одлучи кое јавно обвинителство ќе постапува по пријавата, со оглед дека двајцата обвинители против кои е пријавата доаѓаат од скопското вишо обвинителство, под чија надлежност е ОЈО Скопје. По „некоја случајност“ како што коментира обвинителот, предметот се доставува до ОЈО Битола и токму кај битолската обвинителка Оливера Нечаковска.

Љубомир Јовески, поранешен државен обвинител

Тогашниот јавен обвинител Јовески се обидел да издејствува Хајрулахи воопшто да не поднесе кривична пријава против Фетаи и Рајчев. Според вишиот обвинител кога ги доставил кривичните кај Јовески имал притисок да ги повлече не само пријавите туку и дисциплинската постапка.

-Бев и сѐ уште сум на став дека ако дозволуваме во самото обвинителство, чија цел е да гони кривични дела и криминал, да се става во одбрана на кривични дела, тогаш јавно обвинителство не треба да постои како орган на правосудниот систем. Самиот чин на користење на туѓи лични податоци е кривично дело, а ЈО ги злоупотребува за лични потреби. Зошто да гониме други, ако тоа го дозволуваме внатре во самото обвинителство?! Дозволуваме внатре,а гониме други, каде степенот на одговорност е далеку помал. Но ставот на Јовески беше дека и ние обвинителите грешиме, се огрешиле, но тоа да се реши без кривични пријави и дисциплински постапки – ни изјави пред десетина дена вишиот обвинител.