Денеска и утре ќе се одржи 11. средба на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Поради состојбата со пандемијата предизвикана од Ковид-19, таа треба да се одржи он-лајн, а тема за дискусија треба да биде содржината на македонските учебници по историја за средновековниот и раноосманлискиот период, како и неизбежната фигура на Гоце Делчев.
Уште пред почетокот на седницата повеќе од јасно е дека тешко може да се очекува било каков напредок по сите прашања, а особено околу Делчев. Зашто, „препукувањата„ меѓу двајцата копретседавачи од бугарска и македонска страна, Ангел Димитров и Драги Ѓоргиев, фактички ја отсликаа состојбата во која се наоѓа и работата на самата комисија.
Димитров уште предвреме го навести неуспехот, нормално, префрлајќи ја вината на македонските историчари. И тоа со еден отворен, ретко виден „научен“ пристап, што порано беше основна карактеристика на комунистичките/социјалистичките политкомесари, за единствената и политички монолитна бугарска позиција, за разлика од македонската.
Или, сега преточено во современата „демократска“ реалност, тоа значи дека кај македонските историчари, членови на Комисијата, отсуствува „добра волја“ за да се следат последните „политички пораки“, што пристигнуваат од „официјално Скопје“, па затоа и се основни „кочничари“ во спроведувањето на Договорот за добрососедство.
Проф.Ѓоргиев со право во изјава за Радио Слободна Европа изрази зачуденост од настапот на неговиот колега.
-Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос на погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо, изјави Ѓоргиев.
И во ваквата виртулна реалност, ликот на Гоце Делчев останува да виси меѓу бугарските историски политкомесари и македонските „кочничари“.
Зашто, ако се тргне од последните „политички пораки“ од „официјално Скопје“, преточени во изјавите на актуелниот премиер Зоран Заев во скандалозното интервју за бугарската агенција БГНЕС, како и на тие на бившите премиери Владо Бучковски и Љупчо Георгиевски дека „македонскиот народ е создаден 1944 година“ и оти „македонските историчари не ја знаат историјата“, стануваат бесмислени сите дискусии на адреса на Гоце Делчев!
Каква би била целта да се дискутира или во иднина заеднички чествува Гоце Делчев ако неговата етничка, национална, идеолошка и политичка припадност е однапред одредена како бугарска?!
Уште повеќе ако македонските историчари преку д-р Александар Литовски, исто така член на комисијата, веќе знаат дека Бугарија го има Сан-стефанскиот сон и секогаш ќе ја тера таа политика.
-Дури и ние да и попуштиме, по 6 месеци ќе следи нова блокада. Тие имаат геостратешки цели поврзани со Сан-стефанскиот сон. Според тоа, решението не е во попуштање на барањата на Бугарија и тие што ја знаат историјата на бугарската политика ќе го потврдат ова што го говорам, изјави Литовски во своето вчерашно гостување во Утрински брифинг, додавајќи дека крајната цел на бугарската политика е освојување на Македонија.
Comments are closed for this post.