Петмина осуденици вчера околу 18 часот во затворот во Штип се затвориле во една од собите за дневен престој во првото затворско крило. Раководството на затворот претпоставува дека причина за револтот била тоа што претходно околу 15: 30 часот, вработените од затворот при претрес им пронашле три мобилни телефони и пет сим картички.
Директорот на затворот во Штип, Мики Тодоров за МИА ја потврдува вчерашната случка и вели дека согласно Законот, на осудениците им е забрането да имаат мобилни телефони.
Осудениците ништо не сакаа, туку на овој начин го изразуваа револтот. Ние како раководство гледавме на смирен начин, без употреба на физичка сила да се реши целата ситуација. Со нив преговаравме околу два часа, за на мирен начин да излезат и ја отворат вратата, да нема некакви последици, бидејќи повикување на бунт е казниво од шест месеци до три години затвор, вели Тодоров.
Тој истакна дека некои од осудените лица додека биле во дневниот престој се самоповредиле со жилет или стакло, по што откако излегле од просторијата, им е дадена медицинска помош. Во текот на денешниот ден осудентите лица треба да дадат изјави за вчерашниот настан.
Тодоров ги негира и тврдењата на еден од осудениците дека немаат накакви права. Според Тодоров, затворениците ги имаат сите права, а поседувањето на мобилен телефон е строго забрането во затворските установи.
Џабир Дерала објави видео на „Цивилмедиа“ со тврдење дека затвореници од КПД Штип креваат бунт поради тоа што им биле пронајдени и одемени мобилни телефони.
Comments are closed for this post.