Поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски денеска сведочеше на рочиштето за случајот „Таргет и Тврдина“ кој се однесува на прислушувањето.

Тој рече дека кон крајот на 2010 година се првите информации кои  ги добил поврзани со аферата со прислушувањето.

Во тој период бев одговорен за безбедносната политика на СДСМ и информациите од ваков карактер беа обврска за анализа. Се правеа тактички анализи. Ги користеше лидерството за своите стратешки одлуки и политики, сведочеше Верушевски.

Тој додаде дека до неговото лишување од слободна како осомничен во случајот „Пуч“  рече дека го знаел точниот обем на документацијата, и сите информации кои доаѓале имале ист третман.

По моето лишување од слобода документите се надвор од мојата одговорност. Факт е дека таа документација доживеа страотни модификации и компромитирања. Зборувам после моето лишување од слобода“, рече Верушевски.

Документацијата цело време беше во партијата и со неа управуваше лидерот на партијата, рече Верушевски, кој посочи дека и Бранко Црвенковски бил запознат со дел од документацијата додека бил лидер на СДСМ.

Црвенковски и Заев во цело време на нивното лидерство имаа увид во документацијата. Стратешка одлука беше на Црвенковски како ќе ја користи, а потоа и на Заев, рече Верушевски.

Верушевски појасни дека никакви материјали не му предал Ѓорѓи Лазаревски и дека одговорноста за материјалите била на партијата. Сведочеше дека го познавал Ѓорѓи Лазаревски, бидејќи додека бил во ДБК, тој бил вработен таму. Рече дека  комуникацијата со него ја прекинал пред неколку години.

Ѓорѓи Лазаревски беше едно од лицата кои донесуваа документи до партијата. Тоа лице ги доставило материјалите пред моето враќање од Италија во Македонија и продолжи во 2014 година. Комуникацијата ја прекинав во 2016 година поради неговите искази дадени во истрага против мене и мојата сопруга, кои во целост беа невистинити“, рече Верушевски.