Се соочуваме со силен бран на Ковид-19, ситуација која ги оптоварува сите сегменти на здравствениот систем. Во модуларната болница до Инфективната клиника има слободни кревети. Направивме план за обезбедување дополнителни болнички капацитети, прво во болницата во Козле, каде има 40 кревети и кадар засилен со колеги од Инфективната клиника. Уште две одделенија се подготвуваат во ГОБ „8 Септември“ со кадарот кој работи таму, а до крајот на денот треба тој план да го заокружиме за да биде подготвен и тој дел. Исполнети се болничките инфективни одделенија во другите градови.

Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче на заедничката прес-конференција со претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски. Посочи дека граѓаните мора да покажат поголема свесност и да ги почитуваат мерките.

Законот за заштита на населението од заразни болести, потенцира, утре е во собраниска процедура и верувам сите пратеници свесни за тежината на ситуацијата во која се наоѓаме дека брзо ќе го изгласаат.

– Тој пакет мерки, кој таму е предложен заедно со овој кој е на сила веруваме дека може значајно да го редуцирааат преносот на вирусот. Во овој момент сметаме дека дополнителен пакет и некоја друга форма на мерки не треба да се имплеметираат, ниту да се препорачуваат. Уште еднаш апел сите да се приддржуваат до овие мерки и така со сопствената одговорност ќе придонесат епидемијата да стивне, рече Филипче.

Нагласи дека на денешната седница на Владата е ставена информација со која ќе се овласти Министерството за здравство да го потпише и посебниот договор преку заедничкиот рамковен договор со ЕУ за набавка на лекот „Ремдесивир“ и освен преку СЗО тој од следниот период ќе биде достапен и преку оваа набавка. За многу кратко време, посочи Филипче, очекуваме по потпишување на договорот да стигне во земјава.

– Се обезбедија дополнителни капацитети и број на тестови во повеќе институции. На дневно ниво 150 повеќе тестови во Институтот за јавно здравје, 100 односно двојно повеќе во Центарот за јавно здравје, што го обезбедуваме со лекар микробиолог, кој ќе работи и втора смена и 100 во лабораторијата во болницата во Козле. Значи 350 повеќе тестирања во текот на денот. Почнуваме уште една паралелна постапка, сега многу забрзано со скратени рокови за што чекаме мислење од Бирото за јавни набавки за брзите тестови, за да имаме една количина која може и порано да стигне во однос на тоа што иницијално го почнавме, истакна Филипче