– Вториот круг на локални избори ќе се одржи точно за една недела, на 2 ноември. Според податоците на Државната изборна комисија, вториот круг ќе се одржи во 32 општини и Градот Скопје. Противкандидатите за градоначалничките места се очекува оваа недела да ја интензивираат својата кампања со митинзи и средби со граѓаните. 

Денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе присуствува на маалски митинзи во Брвеница, каде ќе се обрати и кандидатот за градоначалник, Јовица Илиевски, потоа во Скопје во Центар, во Карпош каде ќе се обрати и кандидатот за градоначалник, Сотир Лукровски и во Долно Нерези.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче, пак, денеска ќе биде во посета на Општина Аеродром, каде ќе даде изјава за медиумите.

Вчера караванот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата одржа мини митинзи во Лозово, Росоман, Демир Капија и Неготино. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа од митинзите апелираше до граѓаните за поголема масовност во вториот круг, со цел да се заокружи бројката од 59 градоначалници во вториот круг и со тоа да се потврди, како што рече, историски најголемата победа во Македонија и да продолжи развојот на државата и општините.

Мицкоски се осврна и на тоа дека на овие избори граѓаните јасно ја изразија својата волја и довербата која ја дадоа на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата каде што во првиот круг освои 33 градоначалници, наспроти три од СДСМ, а тоа е отприлика победа 11 спрема еден, а во втор круг влезе во 26 општини.

Тој истакна дека кандидатката за градоначалник на општина Демир Капија, Наталија Димитриева со поддршката од граѓаните ќе има убедлива победа во вториот круг и општината ќе добие жена за град

Оваа недела се очекува телевизиски дуел меѓу двајцата ривали за Град Скопје – Орце Ѓорѓиевски од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Во фокусот на нивната кампања изминатата недела беше отпадот и начинот на негово собирање во главниот град.

Кандидатот за градоначалик од ВМРО-ДПМНЕ Орце Ѓорѓиевски смета дека со добра организација во главнот град проблемите можат брзо да се решат и дека во првите 72 часа ќе се спроведе голема акција за чистење на градот, во која ќе бидат вклучени сите општини, јавни претпријатија и општествено одговорни компании.

Мециновиќ, пак, претстави план за решавање на проблемот со отпадот, преку санација и реформа на јавното комунално претпријатие. Тој презентираше иновативно решение за третман на отпадот, кое, според него, веќе се користи во неколку европски градови.