Кандидатите за петти претседател на државата, Стево Пендаровски и Гордана Силјаноска-Давкова, ги користат последните часови да ги убедат граѓаните на 5 мај да го дадат гласот за нивните програми. И двајцата очекуваат дека ќе победат в недела, на вториот круг од претседателските избори.
Според Пендаровски, поддршката за него ќе значи подобра перспектива за сите, сигурно одење во Европа, продолжување на реформите и заедничкиот пат кон напредокот, развојот и интеграцијата во НАТО, но и ставање крај на „груевизмот“.
Неговата противкандидатка Силјаноска-Давкова, пак, чиј главен адут е владеењето на правото очекува нашата држава да се реформира во секој поглед и оти реформите треба да почнат од оние најгоре.
Кандидатот кој со нив учествуваше во првиот круг, Блерим Река, преку Фејсбук им се заблагодаи на речиси 80.000 гласачи што го поддржаа и напиша дека нивно е правото да одлучат за кого ќе го дадат својот глас на вториот круг.
Тие се само ваши гласови. Тоа е ваше свето право и на вас е да одлучите за кого ќе гласате на вториот круг. Ќе го повторам истото што го реков на почетокот на мојата претседателска кампања: јас не сум трговец со вашите гласови и нема да ве убедувам за кого ќе гласате оваа недела. Трговијата со вашите гласови е спротивно со мојот концепт за Републиката, особено со нејзиниот главен столб – владеење на правото, порача Река.
Алијанса за Албанците на Централно претседателство вчера заклучи дека вториот круг од претседателските избори се одвива без конкретна понуда за граѓаните и апелираше тие в недела да го изразат својот суверенитет.
Партијата го повторува ставот искажан за време на изборната кампања дека нејзините приврзаници не ги сметаат за сопственост и плен во функција на тесните интереси на одделни поединци. Секој глас за нас го зајакнува нашето партнерство со вас за градење, заживување и зајакнување на политичката платформа на Алијансата за Албанците во функција на уставната и социоекономската еднаквост на Албанците во Северна Македонија, заклучија од партијата на Зијадин Села.
Демократската партија за интеграција-ДУИ, пак, на митинг во Скопје ги повика своите членови и симпатизери поддршката да му ја дадат на консензуалниот кандидат Пендаровски. „Да излеземе на 5 мај и да го поддржиме кандидатот што е ориентиран кон ЕУ и НАТО”, порача раководството на ДУИ – коалицискиот партнер на СДСМ во Владата.
Изборниот молк ќе почне на полноќ. За време на 24-часовниот молк ќе гласаат затврениците, болните и немоќни лица, внатрешно раселените и во дијаспората. В недела право на глас ќе имаат 1.808.131 граѓанин запишани во Избирачкиот список.
Comments are closed for this post.