ВМРО-ДПМНЕ треба да остане на нивниот став искажан јавно за учество во процесот на уставни измени, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Роковите се во рамки на веќе договорената Преговарачка рамка, посочува тој, но ние не сакаме да носиме избрзани решенија. Ковачевски вели дека разговорите на работните групи меѓу власта и опозицијата за уставните измени се уште не се почнати.

-Ние ќе им дадеме простор да учествуваат во овој процес. Нормално процесот заради нивната нерешителност нема да застане. Гледате дека на оваа тема се води расправа и јас имав заедно со Маричиќ состанок со невладините организации, брифинг со медиумите, состаноци на телата на партиите, партнерите од нашата коалиција веќе кажаа дека за нив е прифалив влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата. Значи се се тоа претпоставки кои водат кон едно заедничко решение на овој многу важен процес, за којшто имаме поддршка како никогаш досега од сите наши стратешки партнери и САД и земјите членки на ЕУ, изјави Ковачевски.

За тоа до каде се разговорите со ВМРО- ДПМНЕ, премиерот рече дека вицепремиерот за европски прашања секој ден се јавува во опозициската партија за да види дали се подготвени да разговараат.

 

-Кога ќе има позитивен одговор тој ќе ве информира, рече Ковачевски.

Тврди дека тој нема комуникација со било кој пратеник, без разлика од која политичка партија е, надвор од процесите на Собранието.

Тој рече дека Владата во наредниот период  ќе ги разгледа во детали материјалите од Министерството за правда доставени од работната група и тие потоа ќе бидат доставени до Собранието.

-А Собранието согласно со обезбедени услови за гласање ќе ја организира и својата работа. Ова е процес за којшто не треба да се брза, рече Ковачевски, додавајќи дека не ни треба избрзано решение и оти тој се уште се придржува до тој пристап на работа.

-Без избрзување, секој да може да се вклучи во овој многу важен процес затоа што како државата ќе продолжи понатаму ќе и требаат уште стратешки важни одлуки со двотретинско мнозинство. Скринингот веќе почна да покажува недостатоци во многу области на државата. Гледате што се случува во судството. Ќе треба да се прават реформи. Тоа се се двотретински закони, истакна Ковачевски.

На прашање дали е подготвен да се пробијат роковите, премиерот рече дека Преговарачката рамка е многу јасна и се работи согласно тие рокови. Посочува дека го прифатил барањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да важат со одложено дејство.

-Прифатив да важат од моментот на одржувањето на втората меѓувладина конференција. Така е согласно со Преговарачката рамка. ВМРО-ДПМНЕ не може да поставува услови надвор од Преговарачката рамка, потенцира Ковачевски.